Рецепт и видео презентација на Снежана од Мала кујна – Лажен баник, вкусен и брз за приготвување, за сите почетници во кујната. Тестото не се меси туку се меша со лажица. Изненадете ги вашите сакани за појадок или вечера, а може да се послужи со чаша јогурт или кисело млеко.
Потребни состојки: 1 кесичка сув квасец (7 г) или 1/2 коцка свеж квасец, 2 лажички шеќер, 1 лажичка сол, 250 мл топло млеко, 1 јајце на собна температура, 500 г брашно, 50 мл масло за готвење, 100 г сирење и 100 г кашкавал по ваш избор (може и моцарела).
Постапка: Во длабок сад за месење ставете ги квасецот, шеќерот, солта, маслото за јадење и белката од јајце (жолчката сочувајте ја за подоцна да го премачкате лажниот баник). Потоа во состојките додадете го и млекото, па промешајте со лажица додека да се растопат шеќерот и квасецот.
Потоа додадете половина килограм брашно. Промешајте со лажица. Тестото е меко и нема потреба да се меси со рака, па затоа убаво промешајте го со лажицата додека да се поврзе брашното со течните состојки.
Доколку забележите дека премногу ви е меко тестото, слободно додадете уште малку брашно. Ова најмногу зависи од видот на брашното и колку тоа ќе впие од течноста. После неколку минути мешање, тестото треба да започне да се одвојува од ѕидовите на садот.
Вака сработеното тесто е доста меко и лепливо, но не е течно. Замете малку масло и истурете врз тестото, колку малку да се натопи, околу 2 супени лажици, и зафатете го со рака за да добие форма на топка и да го прими маслото во себе. Не треба да го месите премногу за да не стане жилаво.
Тестото и натаму ќе остане меко, но од маслото веќе нема да се лепи на рака. Вака сработеното тесто покријте го со проѕирна фолија или кеса и оставете го во топла просторија околу половина час додека да стаса и да го удвои својот волумен.
Кога тестото ќе стаса, намастете ја малку раката со масло за јадење за да можете полесно да го извадите тестото и да го истресете врз работна површина. не треба воопшто да го премесувате, туку веднаш, целата топка од тесто започнете да ја сплесувате со дланките.
На овој начин додека го развлекувате тестото со рацете, ќе формирате голема тркалезна кора. За големината на кората ориентирајте се според плехот / калапот во кој ќе се пече лажниот баник. Здиплете ја кората на четири за полесно да ја префрлите.
Развлекувањето можете да го правите и директно врз хартијата, или пак на овој начин да ја префрлите кората врз плехот обложен со хартија за печење. Тестото е доволно за да исполни еден голем плех од рерна, а вие ако сакате, можете да го поделите, па да направите два помали баници.
На вака приготвената кора започнете да и правете вдлабнатини со помош на прстите, околу 2-3 центиметри од крајот. Правете концентрични кругови кои се намалуваат како што се приближувате кон средината на кората. Ова оди брзо и не ви е потребен линијар, ниту шестар.
Во жолчката која ја сочувавте претходно, додадете една лажица масло (може и една лажица млеко), промешајте, па преку целата површина премачкјате го лажниот баник со помош на силиконска четка. Во посебен сад изрендајте 100 г сирење и 100 г кашкавал по ваш избор.
Со овој фил започнете да ги полните вдлабнатините кои ги направивте со прсти. Во меѓувреме вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени, затоа што лажникот баник може веднаш да се стави на печење, без да се чека повторно да стасува.
Вака приготвениот баник ставете го да се пече во загреана рерна на 180 степени околу 20-тина минути или додека убаво да зарумени, во зависност од рерната. Кога е печен, извадете го од рерна малку да подизлади, па сечете го и послужете го. деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.