I РЕЦЕПТ – Пита со јаболка – готова за 20 минути, се приготвува со готови кори. Многу вкусна пита со фил од јаболка и гриз. Потребни состојки: 500 г тенки кори, 1,5 кг јаболка, 600 г + неколку лажици шеќер, 700 мл вода, 1 ванилин шеќер, 100 г путер, малку масло, 3 лажици гриз и по желба ореви, цимет, суво грозје.
Постапка за приготвување на сирупот (се приготвува неколку часа претходно за да има време да се олади): 600 г шеќер растопете во 700 мл вода и ставете на оган да зоврие. Ставете го и ванилин шеќерот, па готовиот сируп тргнете го на страна да излади. Растопете 100 г путер и во него додадете неколку лажици масло.
Јаболката излупете ги и изрендајте ги, па додадете неколку лажици шеќер и 3 лажици гриз, за да го впијат вишокот сок. По желба, во филот можете да додадете цимет, суво грозје и ореви. По две кори спојувајте, премачкувајте ги со путер и масло, па филувајте со јаболка.
Филот се нанесува само на еден дел на почетокот, па потоа се витка во ролатот. Испланирајте да ви остане доволно фил за сите кори (пребројте ги корите, а потоа колку ролати ќе имате, на толку делови поелете го филот). Свитканите кори редете ги во плех.
Кога сите ќе ги наредите, исечете ги со остар нож на парчиња со големина по ваша желба, одозгора полијте ги со малку масло и ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 200 степени додека да заруменат. Врелата пита прелијте ја со ладен сируп.
II РЕЦЕПТ – Баклава со јаболка, поубава не сте јаделе / Фотографија и рецепт на Ариана. Потребни состојки: 500 г готови кори, 7-8 јаболка со средна величина, 10 големи лажици шеќер за јаболката, 1 ванилин шеќер, по желба цимет за јаболката, 3 големи лажици лебни трошки за јаболката, неколку капки арома од ванила и бадем,
Потоа, 150 г грубо мелени лешници и ореви, 150 г ситно мелени лешници и ореви и 250 г путер. За шербет: 1 лимон исечен на кругови, 600 г шеќер и 1 литар вода. Постапка: Прво измешајте ги оревите и лешниците, па одвојте половина за да ги сомелете покрупно и другата половина поситно.
Путерот растопете го. Јаболката убаво измијте ги и изрендајте ги со кора, измешајте ги со лебните трошки (презла), цимет, арома и шеќер. Во тепсија (32х22 см) ставете хартија за печење и премачкајте ја со растопен путер. Започнете со редење на корите:
Прво стаете една кора, премачкајте ја со путер, па ставете втора кора и истото повторете го уште три пати. Наредете вкупно 5 кори премачкани со путер. Врз корите ставете малку од смесата со ореви и лешници и малку од смесата со јаболка. Рамномерно распоредете.
Потоа ставете две кори и малку притиснете ги со рака за да добиете рамна површина. Премачкајте ги со путер, па повторно наредете фил. На овој начин редете додека да ви се потроши материјалот. Последните 5 кори се редат исто како на почетокот, без фил.
Наредената баклава се сече во облик на ромбови, добро се премачкува со растопен путер и се пече во претходно загреана рерна на 150 степени. Се пече додека да добие обава бакрена боја. Печената баклава се прелива со шербет кој претходно сме го свариле и изладиле.
За шербет: Водата, лимонот исечен на тркалца и шеќерот варете ги додека да добиете густ сируп. Врз прелиената баклава ставете алу-фолија и врз неа нешто тешко за да може баклавата убаво да го впие сирупот. Изладете неколку часови пред консумација. Најдобро е да се направи баклавата еден ден претходно и да ја оставите да се лади во фрижидер преку цела ноќ.
III РЕЦЕПТ – Пита-баклава со јаболка, домашно благо за сите годишни времиња. Фотографија и рецепт на Марина Станојевиќ / Пита со јаболка: Домашно благо за сите годишни времиња, за сите возрасти. Од обичната пита се разликува по тоа што после печењето се прелива со сируп, со што е многу слична на блаклавата.
Потребни состојки: 500 г тенки кори за баклава, 1,5-2 кг јаболка покиселки, 5 лажици шеќер, 2 лажици масло, 1 ванилин шеќер, 1 лажичка цимет. Напомена: Може да додадете ако сакате и сечкани ореви, јас не ставам, а вие како сакате. За прелевање: 100 г путер/маргарин, 100 мл масло.
За сируп: 3 шолји (од 250 мл) шеќер, 2 шолји вода, сок од лимон, не мора. Постапка за приготвување на филот: јаболката измијте ги и излупете ги, исечете ги на парчиња, а потоа крупно изрендајте ги. Малку исцедете ги со рацете од сокот. На загреано масло издинстајте ги додека течноста да испари.
За сируп: Измешајте вода и шеќер, па варете од моментот на зовривање уште 20-тина минути. Пред самиот крај додадете малку лимонов сок или неколку лимонови тркалца. Кога ќе ја прелевате печената пита, сирупот треба да биде барем на собна температура, па затоа пригответе го порано, за да има време да се олади.
Виткање на питата: на тивок оган ставете го путерот да се растопи заедно со маслото. Треба да биде топло кога ќе се полеваат корите, па затоа одржувајте ја температурата. Во зависност од дебелината и бројот на корите, поделете го филот на еднакви делови.
Така на пример, ако имате 18 тенки кори, тогаш редете ги по три, а филот поделете го на 6 делови. Секоја кора прскајте ја со растопениот путер, па редете по 2-3 една врз друга, а на последната распоредете фил и свиткајте. Ролатите редете ги една покрај друга во претходно намастен плех.
Исечете ја питата на парчиња со големина по ваша желба, одозгора премачкајте ги со остатокот од мешавината од путер и масло, па ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени околу 25-30 минути. Извадете ја питата од рерна, па после 5 минути полека полијте ја со изладениот сируп. Оставете убаво да се впие и олади, па послужете ја. / Marinastaste.com
IV РЕЦЕПТ – Штрудла-баклава со јаболка и готови кори, толку е убава и вкусна а се приготвува така брзо, право чудо/ Фотографија и рецепт на Зорка Јанчева – штрудла баклава. Потребни состојки: 500 г готови кори, 1 кг јаболка излупени и изрендани, 150-200 г шеќер, 150 г маргарин/путер, 2 лажици цимет, масло за прскање на корите.
За шербет: 500 мл вода, 400 г шеќер, 1 ванилин шеќер, 1 лимон – рендана кора. Постапка: Јаболката измијте ги, излупете ги, а потоа на крупната страна од рендето изрендајте ги. Ставете ги во тенџере или длабока тава на оган за да ги пропржите.
Динстајте ги додека да им испари течноста, а потоа додадете 150-200 г шеќер во зависност од тоа колку се слатки јаболката. Потоа додадете 150 г маргарин и добро пропржете ги. На крај наросете 2 лажици цимет и соединете. Отворете ги корите и поделете ги на по 3 или 4 кори, во зависност од тоа колку дебели сакате да ви бидат ролатите.
Секоја кора прскајте ја со масло, врз неа ставете друга кора, а врз третата или четвртата кора на едниот крај ставете фил. Свиткајте во ролат. Вака приготвените ролати редете ги во намастен плех, исечете ги на парчиња, одозгора премачкајте ги со масло и ставете да се печат во загреана рерна на 200 степени околу половина час.
Печената штрудла треба да излади, па да се полее со врел шербет. За шебет во тенџере на оган ставете 500 мл вода и 400 г шеќер. Откако ќе зоврие на умерено се вари 15 минути, а пред крај му се додава ванила и лимон.