Оваа пита без кори со сирење е многу брза, едноставна, а многу вкусна. Се приготвува со пченично бело брашно, не со пченкарно, бидејќи тогаш би била проја. Многу е важен начинот на ставање во тепсијата, бидејќи токму тоа го одредува вкусот на оваа пита.
Рецептот и видео презентацијата се на Емилина кујна. Смесата не се одлева целата одеднаш, туку полека и постепено…Инаку, подготовката е навистина многу брза и можете да ја приготвувате било кога, како предјадење, за појадок, вечера или дури и како главно јадење.
Па, доколку ве интересира, еве кои состојки се потребни за да ја приготвите оваа неверојатно вкусна пита: 4 јајца, 300 г сирење, 1 лажичка сол, 200 мл јогурт, 100 мл минерална вода, 2 чаши од 200 мл брашно, 12 г брашок за печиво и 100 мл растопена свинска маст.
Постапка: четири јајца изматете ги пенасто со жица маталка. Додадете една лажичка сол или по вкус и уште малку промешајте за да се растопи солта. На страна сирењето исечкајте го или со раце издробете го ситно, па целото додадете го во изматените јајца.
Промашјте за да се изедначат сирењето и јајцата, но внимавајте да останат и крупни парчиња од сирењето. Потоа додадете и една чаја јогурт и половина чаша газирана вода. промешајте со лажица. Кога ќе се изедначи смесата, додадете две полни чаши (од 200 мл) брашно.
На крај додадете една кесичка прашок за печиво (секогаш на крај се додава) и повторно промешајте со лажицата. Мешајте додека брашното целосно да се растопи во останатите состојки и да се добие изедначена, хомогена и густа смеса (меко полутечно тесто).
Една полна супена лажица свинска маст ставете во тркалезна тепсија со средна величина (30) и ставете ја во загреана рерна за да се растопи. Кога маста ќе се стопи изнесува околу 100 мл во течна состојба. Кога ќе ја вадете тепсијата внимавајте да не се изгорите.
Ова е важно: Натопете ја лажицата во растопената мас и црпнете од приготвеното тесто со сирење. Спуштете во врелата маст и повторно црпнете од тестото и спуштете во тепсијата. Пред секое црпнување од тестото, натопувајте ја лажицата во маста. Оваа постапка е многу важна.
Со овој начин на ставање (црпење од тестото во врела маст) се постигнува неверојатен вкус кој не може да се постигне доколку целата смеса одеднаш се излее во тепсијата. Подоцна при печењето питата се разлистува на парчиња, токму како што се редела.
Продолжете ја постапката додека да го потрошите целото тесто, па ставете ја питата да се пече во добро загреана рерна на 200 степени, околу 35-40 минути. Печената пита покријте ја неколку минути со крпа. Сите детали од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.
II РЕЦЕПТ – Многу вкусно јадење, нешто помеѓу пита и погача, можат и почетници да ја прават. Фотографија и рецепт на Дана Дробњак Уште се нарекува и погача на лажица. Потребни состојки: 350 мл млеко, 1 лажичка шеќер, 1 лажица сув квасец, 1 лажичка сол, 2 јајца, 500 г брашно.
За фил: 200 г сирење (ситно или фета), 200 г кисела павлака, 150 мл млеко, 1 јајце, сол по вкус. Постапка: Во млако млеко ставете шеќер и квасец. Промешајте и оставете да се активира околу 5 минути, па додадете сол, две јајца и брашно. Добро изматете со миксер.
Тестото е меко исто како за мекици. Оставете го тестото да стасува, па за тоа време премесете го 1-2 пати. За фил: Сирењето издробете го, додадете кисела павлака, млеко, едно јајце и сол по вкус. Треба да добиете кашеста смеса.
Земете лажица, ставете ја во масло, па вадете тесто, валкајте го во филот и редете во круг во намастена тепсија 30 см. Преостанатиот фил прелијте го одозгора. Оставете да стасува 20минути, па ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени околу 35-40 минути, додека да добие златнокафеава боја.
III РЕЦЕПТ – Разлеана пита: црпете со лажица и полевате во смеса од кисела павлака – лесна и се јаде веднаш! Потребни состојки: 2 јајца, 300 мл млеко, 100 мл масло, 20 г квасец, 1 лажичка шеќер, 2 лажички сол, 500 г брашно +- И уште:
По потреба меко сирење или кисела павлака, 1 јајце, малку сол, малку млеко, 100 мл масло. Постапка: Квасецот и шеќерот растопете ги во млако млеко. Јајцата изматете ги, додадете сол масло, надојден квасец и добро измесете. Постепено додавајте брашно и млеко.
Замесете го тестото кое не смее да биде тврдо, а ни премногу ретко. Тестото оставете го да надојде, па премесете го 2-3 пати. Во сирењето или киселата павлака ставете едно јајце, сол и малку млеко, за да се направи кашеста смеса. Во друг сад ставете 100 мл масло.
Лажицата натопете ја во масло, па земете тесто, така да се направи топче како за мекици, па извалкајте го во смесата од сирење и редете во плех претходно намастен. Повотрувајте додека да се потроши целото тесто. Оставете да надојде во плехот. Печете на умерена температура. Може да се остави малку од смесата со сирење, па пред крајот од печењето да се премачка одозгора и да се потпече.