Новогодишните празници се познати по богатата и раскошна трпеза. Од најмалите до најголемите најмногу се радуваат на меките како памук кифлички кои совршено одговараат со кралиците-салати, меѓу кои е и оваа мимоза салата. Од нашата архива приготвивме неколку рецепти кои се многу слични, а се разликуваат само во нијанси.
Одберете си ја која најмногу ви одговара и уживајте во совршениот вкус. Првиот рецепт – Ова е најдобрата МИМОЗА САЛАТА досега – многу вкусна, убава и декоративна, преубава салата од зеленчук, мајонез, јајца и кисели краставички. Филувана во проѕирен сад изгледа многу декоративно а може да се приготви во неколку помали садови или еден поголем.
Потребни состојки:, 4 компири со средна величина, 400-500 г морков, 6-7 кисели краставички, 6 јајца, 1 главица виолетов кромид (може и црвен, праз или младо кромитче), 200 г кашкавал, 300 г салама по избор, 300 г мајонез, 100 г кисела павлака, 1 лажичка сол, малку црн пипер по вкус, ќитка магдонос (може и зелена салата).
Постапка: Компирот сварете неизлупен, па затоа претходно добро измијте го под силен млаз ладна вода. Морковот излупете го, па посебно сварете го. Внимавајте да не го преварите. Јајцата е потребно трвдо да се сварат. Во посебен сад измешајте мајонез и кисела павлака, па посолете и зачинете со црн пипер по ваш вкус. Белките одвојте ги жолчките кога јајцата ќе бидат убаво сварени. Сите состојки освен кромидот треба да се изреднаат.
На дното од стаклен сад во кој ќе се сервира салатата, ставете исечкан лист или салата, па изреднајте го компирот. Врз компирот нанесете тенок слој од приготвениот премаз (мајонез и кисела павлака). Потоа изрендајте го морковот, па и врз него нанесете тенок слој од премазот. Следува рендана салама и тенок слој премаз.
После саламата следи рендан кашкавал и тенок слој премаз, па ситно сечкан кромид, премаз, рендани белки од јајца, премаз, кисели краставички, премаз. Најпосле завршете со рендани жолчки од ситната страна на рендето. Украсете по желба. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.
Вториот рецепт е следниот: Како се приготвува МИМОЗА салата ама по оригинален рецепт! Ова е универзална салата за секоја пригода, но некои ја сакаат и како главно јадење. Најубаво е да се сервира во стаклен длабок сад за да се гледаат слоевите. Салатата е совршена!
Потребни состојки: 4 моркови (400 г), 6 компири (500 г), 6 јајца поголемки, 400 г пилешка салама/шунка/туна од конзерва/варено пилешко, 100 г кашкавал, малку зелена салата, 2 мали главици црвен кромид (50г), малку маслиново масло и 2-3 прстофат сол.
За прелив: 200 г кисела павлака, 200 г мајонез, 100 г сладок кајмак, 5 г сол (мала лажичка) и мелен црн пипер по вкус. Постапка: Јајцата и морковите варете ги по 10 минути, а компирот 15. Потоа ставете ги во ладна вода. Морковот и компирот излупете ги откако ќе изладат.
Одвојте ги белките од жолчките. Исечкајте го ситно црвениот кромид и белките па помешајте ги заедно. Во таа смеса додадете маслиново масло по желба и посолете со 2-3 прстофати сол. Направете прелив од павлака, кајмак, мајонез, сол и црн пипер, па ставете го во кеса за украсување торти.
На дното од садот наредете зелена салата, па нанесете малку од преливот. Врз тоа ставете рендана салама, па повторно прелив. Па ставете белки со црвен кромид, па само малку од преливот. Понатаму следат, рендан морков, прелив, рендан компир, прелив и најпосле кашкавал.
На крај само изронете ги жолчките и украсете ја салатата по желба. Оставете ја салатата да отстои во фрижидер барем 4 часа пред послужување. Бонус рецепт за помала количина и малку поедноставна постапка – РЕЦЕПТ ЗА КЛАСИЧНА МИМОЗА.
Потребни состојки: 200 г кашкавал, 150 г шунка, 150 г варен компир, 2 варени јајца, 1 чашка павлака и 100 г мајонез. Постапка: Компирот сварете го лушпа, изрендајте го на крупно па премачкајте го со половина павлака. Преку павлаката нарендајте шунка, па премачкајте со мајонез.
Следно изрендајте едно цело јајце и една белка, а преку тоа 100 г кашкавал. Сето ова премачкајте го со остатокот од павлаката. Одозгора изрендајте 50 г кашкавал, а врз него жолчката. Како се приготвува Мимоза по оригинален рецепт, погледнете на видеото ОВДЕ.
Третиот рецепт како последен во оваа серија е следниот – Мимоза салата, преубава ладна салата за сите пригоди. Одлична салата, многу вкусна, сите ја сакаат. Може да ја приготвувате и во обични денови, но и за свечени моменти. Совршено одговара како прилог на јадења, но превкусна е и ако се јаде самостојно.
Потребни состојки: 10 компири, сварени во лушпа, 6 варени јајца, 600 г мајонез, 700 мл кисела павлака, 350 г кашкавал, сол, црн пипер. Постапка: Сварете ги јајцата (или искористете ги вишокот кои ви останале од Велигден). Потребно е да бидат тврдо варени за да можат убаво да се изрендаат.
Оставете ги на страна во ладна вода за да изладат, а потоа излупете ги. Мајонезот и павлаката измешајте ги во подлабок сад и малку посолете. Во чинија за сервирање на салата прво изрендајте третина од компирот, па на ситно ренде изрендајте ги јајцата и малку кашкавал.
Прелијте со дресинг од мајонез и павлака. Повторете ја постапката уште двапати со истиот редослед. На врвот од салатата ставете ситно рендан кашкавал, а одозгора само 2 жолчки, исто така ситно изрендани. Украсете ја салатата по желба со свеж магдонос, шери домати, рендан морков и сл.