Рецепт и видео презентација на “Лесно е да се готви” – Солена посна торта. Вкусна и декоративна, а брзо и едноставно се приготвува. Она е навистина совршен рецепт за декоративно, ладно и вкусно предјадење.
Потребни состојки: 300-350 г солени посни крекери (300 г е доволно ако не го редите и четвртиот слој крекери), околу 150 мл обична вода или можете да ја искористите и течноста од туршијата или пак течноста од краставичките во тегла. Оваа течност се користи за натопување на крекерите.
Исто така, ќе ви биде потрено и 150 г посен маргарин, 200-250 г посен мајонез, 2 лажици сенф, 2 лажици ајвар (а наместо ајвар може да користите и кечап или една лажичка црвена зачинска пиперка во прав. Ова се додава за боење на тој фил.
Понатаму, ќе ви бидат потребни и следниве состојки: 100 г сусам, 100 г солени и печени или пржени кикирики, 2 кисели пиперки од туршија, 4 помали кисели краставички, 2 компири кои заедно тежат околу 200 г и 2 моркови околу 150 г. По желба, можете да додадете и туна во парче.
Постапка: Најпрво ситно исечкајте ги морковите и компирите (на ситни коцкички), ставете ги во тенџере, прелијте ги со ладна вода и ставете ги на умерен оган да се сварат. Варете ги 7 до 10 минути. брзо ќе бидат готови, па затоа внимавајте да не ги преварите, бидејќи во спротивно ќе бидат многу меки.
Додека се варат компирот и морковот, на страна исечкајте две кисели пиперки и четири кисели краставички. Добро изматете 150 г посен маргарин, претходон исечкан на листови и омекнат на собна температура. Додадете во него 200-250 г посен мајонез, па заедно пенасто изматете ги со миксерот.
Пред да ги додадете останатите состојки во овој крем, одвојте две до три лажици на страна или една четвртина, за да ја премачкате тортата одозгора. Во поголемиот дел од смесата додадете две лажици сенф и добро соединете со миксерот, додека да се изедначи.
Сварениот компир и морков процедете ги од течноста во која се вареле, па прелијте ги со една чаша ладна вода и додадете малку сол. Во блендер сомелете 100 г солени кикирики. Сусамот (100 г) испечете го во сува тава додека малку да зарумени и ароматично да замириса.
Одвојте на страна 2-3 лажици сусам за декорирање, а остатокот додадете го во филот од маргарин, мајонез и сенф. Во оваа смеса додадете ги и кикириките, а третина од оваа смеса одвојте ја на страна. Во двете третини од смесата додадете ситно сечканите кисели пиперки и краставички.
Промешајте добро, а потоа додадете ги морковот и компирот кои претходно сте ги процедиле од ладната вода. Уште еднаш добро промешајте со лажица за да се соединат систе состојки, а потоа вкусете и доколку сметате дека е потребно, додадете уште малку сол или некој зачин по желба.
Во едната третина од смесата која претходно ја одвоивте, додадете две лажици ајвар и промешајте да се соедини. Наместо ајвар може да додадете кечап или една лажичка црвена зачинска пиперка во прав. Започнете со редењето на солената торта.
Посните крекери кратко натопувајте ги во течност (по ваш избор) и редете ги врз чинија за сервирање. Потоа рамномерно распоредете половина од филот со киселите краставички и компири. Убаво распоредете и израмнете. Потоа додадете уште еден слој крекери, исто така натопувани во течност.
Врз овој слој крекери распоредете го филот со ајвар и убаво израмнете. потоа наредете го третиот слој крекери. Преку третиот дел распоредете го остатокот од филот со краставички и компири, односно втората половина.
Е сега, понатаму можете да продолжите како што сакате. Наредете четврт слој крекери и премачкјате со основниот фил од маргарин и мајонез кој го тргнавте на страна уште на почетокот или не ставајте четврт слој крекери. Ова зависи од вас, од вашата желба како да ви изгледа солената торта.
Убаво премачкјате ја целата торта, израмнете, па наросете ја со сусам или со издробени кекси, доколку ви останале вишок. Се разбира, тортата можете да ја декорирате и по ваш избор, со магдонос, морков, краставички, варена пченка…
Тортата оставете ја да отстои еден ден во фрижидер за да можат крекерите убаво да омекнат. тогаш најубаво се сече. Деталите околу подготовката на оваа солена торта можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.