Здраво, моето име е Сања и имам 25 години, сакам да готвам за моите најмили, а неодамна започнав и мој канал со видео презентации “Нови рецепти”. Доколку ви се допадне овој рецепт, оставете го вашето мислење во коментар.

Овојпат ќе ги приготвам познатите јапонски палачинки кои се многу меки и вкусни. Состојките се многу едноставни и веројатно веќе ги имате во вашата кујна. Овој рецепт е за 4 палачинки.

Потребни состојки: 2 мали лажички мед, 40 г кристален шеќер, 1 лажичка арома од ванила, 2 јајца, 1 лажичка прашок за печиво и 90 г брашно и сосем малку вода за да се раствори густата смеса.

Постапка: јајцата скршете ги во еден подлабок сад и изматете ги со жица за матење. Додадете го шеќерот, медот, една лажичка течна арома од ванила. Сите состојки добро иматете ги додека шеќерот да се растопи.

Не е потребно да користите миксер, доколку добро ја изматите смесата, доволна е и жицата за матење. Потоа додадете го брашното и една лажичка прашок за печиво. Добро промешајте.

Кога смесата ќе се изедначи убаво и ќе нема повеќе грутчиња од брашното, додадете една лажица ладна вода. Водете сметка за густината на тестото, не смее да биде ниту премногу густо, ниту премногу ретко, туку треба да биде за нијанса малку погуста од онаа за обичните палачинки. Добро изматете со маталката.

На загреана нелеплива тава за палачински истурете половина кутлача од смесата за палачинки. Палачинките се печат на тивок оган. Мора да бидете трпеливи за да можат убаво да се испечат, а бидејќи се дебелки, да не останат во средината живи (непечени).

Целта е да се добијат што помеки палачинки, бидејќи така се највкусни. После неколку минути проверете дали е печена од едната страна па внимателно превртете ја и од другата страна. На ист начин испечете ги сите четири палачинки. Совршени се ја за десерт или за појадок. Може да ги филувате со крем или со било што по ваша желба.