Оревите секогаш ги доживуваме како најважна и најквалитетна состојка во колачите и тортите, но овој јаткаст плод можеме да го користиме и како закуска, додаток на салатата, како важен дел од диетата за намалување на килограмите…
Добро е да се јаде на сите можни начини, бидејќи оревите обезбедуваат важни хранливи материи, а за нивната нутритивна вредност сведочи и науката.
¼ шолја или 14 половинки ореви обезбедуваат 18 г добри масти, 4 г протеини, 2 г билни влакна, речиси 50% од дневните потреби за манган, како и помала количина магнезиум, железо, калциум и Б витамини.
Манганот е минерал кој се грижи за здравјето на коските, а неопходен ни е за производство на колаген и зараснување на раните. Оревите се преполни со антиоксиданти за кои е познато дека поседуваат антиинфламаторни ефекти, кои помагаат во заштита на организмот од појава и развој на карцином, болести на срцето и невродегенеративни болести.
Алфа-линолеинска киселина (АЛА) е вид омега-3 масни киселини за кои е познато дека ги намалуваат воспалителните процеси во организмот.
Оревите содржат повеќе АЛА отколку било кој друг јаткаст плод. Овогодинешната студија објавена во списанието Nutriens, ги проценила ефектите од консумирањето на оревите кај здрави возрасни лица, во период од четири недели.
Истражувачите откриле дека само после еден месец, статусот на испитаниците се подобрил. Исто така, било забележано дека дошло до намалување на телесната тежина и телесните масти, како и намалување на телесната вода во организмот.
Биоактивните соединенија во оревите може да имаат важна улога во промената на цревната флора врз начините кои влијаат врз исходот на болеста, велат истражувачите.
Неодамна беше објавена т.н. Penn State студија за возрасни со прекумерна тежина и со кардиоваскуларен ризик. Додавањето на оревите во нивната исхрана ги зголемило корисните цревни бактерии кои влијаеле врз намалување на крвниот притисок и вкупниот холестерол.
Во студијата од 2019 година објавена во Journal of American Heart Association, истражувачите откриле дека испитаниците кога јаделе цели ореви имале поголема корист отколку кога се придржувале на диети со сличен профил на масни киселини, но без ореви.
Резултатите покажале намалување на централниот дијастолен крвен притисок (притисок кој се движи кон срцето) и позитивни промени во нивоата на холестеролот.
Научниците велат дека студијата е пример за тоа како релативна мала промена во исхраната може да има значителни резултати врз кардиоваскуларниот систем.
Оревите го чуваат и здравјето на мозокот. Нивното воведување во исхраната може да помогне во успорување на падот на когнитивните функции во ризичните групи од постари лица, се наведува во студијата од 2020 година.
Истражувачите ги споредиле резултатите на група испитаници составена од повеќе од 600 постари лица кои биле на диета со 15% калории добиени од ореви, со контролната група во која имале исхрана без ореви.
Иако оревите немале ефекти врз когнитивната функција на здравите испитаници, магнетната резонанца на мозокот покажала дека оревите имаат поголем ефект врз луѓето со поголем ризик, вклучително пушачите, како и лицата со пониски основни резултати на невропсихолошките тестови.
Надоврзувајќи се на претходните студии изведени врз животни, истражувачите во студијата објавена во Nutrition Research, ги процениле ефектите од порастот на ракот на дојка кај жените.
Во истражувањето, на жените кои имале јазли на дојките им било дадено да јадат околу 60 г ореви дневно или им било одредено да јадат ореви 2-3 недели пред операцијата.
Почетните примероци од биопсијата биле споредени со примероците добиени кога грутчињата биле отстранети. Научниците откриле дека консумацијата на оревите предизвикала промена на повеќе од 450 гени во туморите со што се спречува растот на карциномот и се подобрува исходот.
Во едно мало истражување објавено во списанието Diabetes Obesity and Metabolism, испитаниците кои живееле во контролниот центар за клинички истражувања, 5 дена добивале смути со мелени ореви и без нив. Се покажало дека додатокот ореви го намалува чувството за глад и ја подобрува регулацијата на апетитот.
Научниците велат дека влијанието на оревите врз ситоста би можело да биде последица на централниот нервен систем кој влијае на храната. Покрај останатото, со истражувањата е докажано дека консумацијата на ореви ја подобрува плодноста кај мажите.