Овие лиснати колачи наречени “Салчиња” или “Мастчиња” се редовни на трпезата преку цела зима и омилените новогодишни слатки. Ви откриваме два рецепти:

Фото и рецепт на Драгана Ѓорѓевич од “Гагина Тегличка” (Gagina teglica)

Потребни состојки:

500 г брашно, 3 жолчки, 2 лажици растопена маст, 1 лажица алкохолен оцет 9%, прстофат сол, 250 мл млака вода (или бело вино), 500 г сало, 3 полни раце брашно (или филџани), џем за филување и мешавина од шеќер во прав и ванилин шеќер за наросување

Постапка:

Во половина килограм брашно додадете 3 жолчки, 2 лажици растопена и подизладена маст, една лажиџа алкохолен оцет, еден прстофат сол и 250 мл млака вода, а кој сака наместо вода може да стави бело вино.

Од овие состојки се замесува мазно тесто. На страна се мати 500 г чиста маст и во неа се додаваат 3 раце брашно. Убаво се соединува.

Од тестото се развлекува кора која се премачкува со смесата од матена маст. Потоа кората преклопете ја како тесто. Постапката повторете ја трипати (помеѓу секое диплење можете да го одморите малку тестото во фрижидер за да се стегне маста).

На крај кората развлечете ја со дебелина од 0,5 см. Сечете квадрати и полнете ги со џем од кајсии или по ваш вкус. Печете ги на умерена температура. Топлите салчиња наросете ги со мешавина од шеќер во прав и ванила.

Тесто меко како памук – „салчиња“- стар рецепт од мајка ми и баба ми.

Потребни состојки:

1 лажица маст, 1 прстофат сол, 1 прстофат шеќер, 1 лимон, сок и кора, 200 мл ладна вода, 2 јајца, 2 жолчки, 50 мл ракија, сливова, 650-700 г меко брашно, 200-250 г сало, џем од сливи, шеќер во прав со ванила

Постапка:

Земете една голем сад па во него ставете една голема лажица маст полна до врв, прстофат сол, прстофат шеќер, сок и кора од еден лимон, 200 мл ладна вода, ракија, две цели јајца и две жолчки. Сето ова измесете го низ прсти па додадете околу 700 г меко брашно.

Количината на брашното зависи од големината на јајцата и лимонот. Тестото не смее да лепи на раце. Се меси околу пет минути за да се активира глутенот и да стане меко, мазно и еластично. Прекријте го со чиста сува крпа и оставете го на собна температура да одмори околу еден час.

Во меѓувреме пригответе го салото: важно е од него да се исчистени сите црвени жилички. Можете да го сомелете на машина за месо. Салото треба да биде пенасто и лесно да се размачкува како крем.

Кога тестото е добро одморено, развлечете кора во вид на правоаголник со дебелина од околу 0,5 см. Рамномерно премачкајте го со тенок слој сало и започнете со преклопување.

Прво подолгата страна преклопете ја на половина, па повторно премачкајте со сало. Потоа пократките страни свиткајте ги до половина и премачкајте со тенок слој сало. На крај преклопете го тестото како книга и ставете го на малку набрашнета чинија, во фрижидер да одмори еден час.

Сето ова мора да се повтори уште двапати, значи тестото треба вкупно трипати да биде премачкано и треба три часа да одмори во фрижидер. Сега развлечете не толку тенка кора за да не се уништат направените ливчиња, туку нека биде со дебелина од околу 1 см.

Кога ќе помине и третиот час ладење, тестото развлечете го со оклагија во правоаголник и со остар нож опкројте го од сите страни за да се разлиста од секаде убаво. Со еден потег сечете ја кората на правоаголничиња со димензија 5х7 см и на секој во средината ставете лажиче џем од сливи или некој друг, па преклопете на половина без притискање.

Редете ги на плех обложен со хартија за печење, и внимавајте да оставате простор помеѓу нив, зошто многу ќе нараснат. Рерната загрејте ја на 250 степени. На дното од рерната ставете метална чинија или мало тенџере со вода со што ќе се имитира парна рерна (што е идеално за печење на сите лиснати теста).

Салчињата се печат во добро загреана рерна 10-15 минути, по можност без отворање на рерната. Кога ќе изладат наросете ги со шеќер во прав.