Фото и рецепт: Валентина Делиманчева Андреева – посна зебра колач.

Рецептот и убавите фотографии од оваа декоративна посна торта ни ги презентираше нашата драга членка Валентина Делиманчева Андреева во групата НМД рецепт.

“Почнаа Божичните пости, па еве еден убав предлог за посна торта или посна зебра колач. Во рецептот се користи газирана вода, но јас употребив прилепска газоза, па мирисот и вкусот на тортата излегоа преубави”, ни откри Валентина и додаде:

“Кога ја извадив од рерна печената торта веднаш ја премачкав со мармалад. Пробајте, нема да се покаете. Состојките само добро измешајте ги, а во половина тесто ставете какао. Тестото несмее да биде течно.

Употребете тавче бр.30 намастено и наросено со брашно и многу внимателно со лажица наизменично ставајте од тестото почнувајќи од средината на тавчето без да ви подлизнува за да добиете ефект на зебра…”

Потребни состојки:

2 чаши (од 200 мл) газирана вода
1 чаши шеќер
1 чаша масло
1 ванилин шеќер
4 чаши брашно
1 прашок за печиво
2 лажици какао

Постапка:

Во подлабок сад за матење ставете ги водата, шеќерот, маслото и ванилин шеќерот, па изматете го со жица или со виљушка. Оставете ја смесата да одмори 5 минути.

Потоа постепено додадете го брашното и прашокот за печиво. Убаво промешајте додека смесата да се соедини и изедначи, а потоа поделете ја на два дела. Во едниот дел додадете какао и убаво промешајте целата смеса да стане кафеава.

Во намастен и наросен со брашно калап бр.30 во центарот (средината на калапот) ставајте со лажица наизменично од белата и од црната смеса, се додека да се потроши целата количина.

Тортата ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени околу половина час. Додека е топла печената торта премачкајте ја со мармалад по ваш избор и наросете со шеќер во прав.

Фото и рецепт: Валентина Делиманчева Андреева – посна зебра колач.