Класичен рецепт за слатко од мандарини: 30 мали по величина мандарини се ставаат во тенџере, се прелеваат со вода да бидат прекриени и се додава една лажица сода бикарбона.
Се става на оган и откако ќе зоврие се намалува умерено да врие 10 минути. Мандарините се вадат со решеткаста лажица, а водата се фрла, па се повторува постапката уште еднаш.
Потоа се прави сируп во тенџере од 1 кг шеќер и 3-4 чаши вода, да врие 5-10 минути, па во него се спуштаат мандарините, претходно избоцкани на неколку места и на умерено се варат еден час.
Пред крајот се става ванилин шеќер по вкус. Кој сака може да стави и лимонтус. Тенџерето се покрива со водена крпа, а слаткото се собира следниот ден во чисти тегли.
Вака приготвените мандарини стануваат како локум, нивната лушпа омекнува и може да се јаде заедно целиот плод. Освен како слатко можете да ги користите и за декорација или како составен дел од мафини, колачи и торти.

А еве уште еден рецепт кој сигурно ќе ги воодушеви љубителите на ароматични деликатесни слатка. Рецептот е наречен “Слатки клементини”.
Во основа ова е класично слатко од мандарини/клементини, варени цели и зачинети со сируп од вино и шеќер. Во теглите изгледаат многу декоративно, идеални се за подарок на ваши драги луѓе, а вкусот им е интензивно овошен и ароматичен, со фина алк-охолна нота.

Потребни состојки: 2 кг помали клементини, 1,5 кг шеќер, 1 литар вода, 500 мл бело вино, 2 каранфилчиња, 1 стапче цимет, по желба коњак, околу 50-100 мл или лозова ракија. Постапка: Растопете го шеќерот во водата на тивок оган заедно со сите зачини.
Откако ќе зоврие варете околу 5 минути, па тргнете од оган и поклопете. Клементините измијте ги добро со ладна вода, па секоја избоцкајте ја на неколку места или засечете ги од долната страна во вид на крст, за да може да навлезе сирупот во нив.
Доколку користите домашни мандарини доволно е само да се измијат. Но доколку слаткото го правите од купечки клементини, тогаш е најдобро да се проварат по 10-тина минути во вода во која сте додале лажичка сода бикарбона. Таа вода се фрла па се налева нова и така трипати.

Внимателно спуштете ги мандарините во сирупот, ставете ги на оган додека да зоврие. Потоа наламете го огнот за да може клементините да вријат околу еден час.
На секои 15 минути превртувајте ги клементините за да може подеднакво да се варат во тие час време.
После еден час клементината би требало да стане проѕирна, о овошјето меко. Притискајте го секој плод малку да се сплосне, така што од него ќе излезе малку сок, а ќе навлезе сируп.
Ова повторете го неколкупати, исклучете го огнот, покријте го тенџерето со влажна крпа и оставете да се лади преку цела ноќ.

Следниот ден повторно загрејте до вриење, а потоа со решеткаста лажица вадете ги клементините од сирупот и полека редете ги во стерилизирани тегли.
Во оваа фаза додадете коњак или ракија во сирупот, промешајте, па прелијте го сирупот преку наредените мандарини.
Готовото слатко оставете го најмалку 24 часа пред употреба, а вака приготвените мандарини можат да стојат неодредено долго време.
Со текот на времето мандарините малку ќе потемнат и сè повеќе ќе го впиваат сирупот додека да станат проѕирни и добијат малку потврда конзистенција.
Можете да ги користите на разни начини, како декорација за разни торти и колачи, како состојка на популарниот божиќен пудинг или едноставно како десерт со кафе.



Coolinarika.com































