Овие кифлички го имаат најубавиот вкус што го имам пробано. Се приготвуваат на посебен начин, со сало кое им ја дава таа мекост и убава арома. Наместо сало може да се употреби путер или маргарин, секако излегуваат вкусни.
Кифлите се слатки, се приготвуваат со едно јајце, а се филуваат со вашиот омилен џем или мармалад. Кога се печени мирисаат прекрасно и примамливо, но воздржете се и почекајте малку да подизладат пред да ги послужите. Одозгора наросете ги со шеќер во прав.
Потребни состојки:
1 кг брашно
500 мл млеко
200 мл газирана вода
3 лажици шеќер
1 лажица сол
1 јајце
1 коцка свеж квасец
300 г сало или маргарин +-
Постапка:
Загрејте го млекото да биде млако, но не претопло. Одвојте малку и во воне здробете го квасецот, додадете лажица шеќер и лажица полна брашно, па промешајте за убаво да се растворат состојките. Оставете 10-тина минути за да се активира квасецот и запени.
Остатокот од топлото млеко ставете го во подлабок сад во кој ќе се замеси тестото и додадете газирана вода, сол, жолчка од јајце и изматен снег од една белка.
Во оваа смеса додадете го и стасаниот квасец, па полека додавајте го брашното и месете додека да добиете меко тесто (не премеко). Оставете го тестото покриено да стасува додека да ја удвои величината.
Потоа развлечете кора и преку целата површина премачкајте ја со сало или рендан маргарин, а потоа започнете со преклопување на тестото исто како за лиснато. Не е важно како ќе го преклопувате, важно е повеќепати да биде здиплено.
Доколку немате искуство со лиснато тесто: Кората исечете ја како сонце со круг на средината, па секое парче со широчина колку дланка преклопувајте во средината, едно врз друго, додека да добиете една голема “топка”.
Вака здипленото тесто оставете го мирува околу половина час, најдобро во фрижидер за да се стегне. Постапката треба да се повтори уште два пати. Потоа се развлекува, се сечат триаголници како за кифлички, на секој триаголник се става малку џем, се витка и кифлите се редат во плех обложен со хартија. Оставете ги кифлите да стасаат, па ставете ги да се печат на 200 степени. Кога се печени оставете малку да подизладат, па наросете ги со шеќер во прав.
Coolinarika.com