Главната одлика на стилот на баба ми е тоа што со помалку квасец успева да постигне повоздушеста и помека „оревовница“. Баба ми има преку 80 години и крајно време беше да одам на обука во живо, да ја забележам постапката и да ја продолжам традицијата.
Пред неколку месеци еден ролат заедно го направивме, а подоцна уште двапати го повторив градивото. Малку ги намалив состојките и го истенчив тестото, ама целата постапка ја задржав. Еве што е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 жолчки, 3 големи супени лажици шеќер, 2 прстофати сол, 4 лажици масло, 1 лажица милерам павлака, 300 мл топло млеко, 10 г свеж квасец (или 7 г сув) и 500 г меко брашно.
За фил од ореви: 300 г мелени ореви, 100 г шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер, 200 мл врело млеко. (На баба ми рецептот има 500 г ореви и 150 г шеќер, јас малку намалив)
ПОСТАПКА: По истиот редослед по кој ги запишав состојките, се приготвува тестото. Разматете две жолчки, додајте шеќер + ванилин шеќер, малку сол, па кога ќе се изедначи додајте масло, лажица павлака и 300 мл млеко.
Сето тоа загрејте го на тивок оган да биде млако, никако врело, па додајте го квасецот (изронете го ако е свеж, а ако е сув само истурете го), а потоа постепено замешајте и 300 г брашно.
Поклопете и ставете на топло место да се активира квасецот, односно да го удвои волуменот. Јас го ставам во претходно загреана рерна на 50 степени и ја гасам или го оставам покрај некој друг извор на топлина.
Садот никако не смее да биде на ладно или на провев зашто ќе се „пресече“ ферментацијата на тестото. Кога смесата ќе се удвои, замесете го преостанатото брашно и повторно поклопено оставете на топло уште еднаш да стаса.
После приближно 15 минути истресете го тестото на обилно побрашнета работна површина и нежно измесете го без премногу гмечење. Ако сè уште е лепливо, додајте уште малку брашно, но не премногу, мора да биде што е можно помеко.
На работна површина поклопете ја топката од тесто со голем топол сад и почекајте тестото да стаса убаво и да порасне (приближно половина час, ама не е проблем ако се остави да стасува и подолго).
За тоа време пригответе го филот. Измешајте ги мелените ореви со шеќер и ванилин шеќер и прелијте ги со врело млеко. Зовријте 200 мл млеко па постепено додавајте го врз оревите и мешајќи, но внимавате смесата да не биде преретка.
Значи, оревите само ги „попарувате” со млеко, да не биде течен филот. Додадјте малку лимонов сок за да не ви потемнат оревите. Оставете да излади. Кога тестото е стасано, развлечете го со оклагија и премачкајте го со фил по желба.
Јас овојпат имав само ореви, но вие можете да го премачкате со џем или со фил од мелен мак/афион. Можете да ја пресечете кората и да добиете два ролата. Или и тие да ги пресечете, па да добиете четири помали ролати.
Редете ги во намастен плех со путер, па ставете ги во ладна рерна да се печат која ќе ја вклучите на 150 до 180 степени, приближно 30 до 40 минути.
Откако ќе заруменат, покријте ги со фолија за да не изгорат премногу одозгора. Кога ролатите ќе ги извадите од рерна, премачкајте ги со путер. Изладете малку, па свиткајте ги во крпа и така оставете ги да се оладат до крај.
Не се чуваат во фрижидер, туку само завиткани во проѕирна фолија за да ја задржат мекоста. / Сooliranika.сom