Кој може да им одолее на овие снежно бели топчиња направени од тиква, крем сирење и вкусни зачини, прелиени со бело чоколадо. Совршено снежно уживање.

Овој неодолив рецепт го пронајдовме на  Gimmesomeoven и сигурни сме дека ќе го испробате. Наместо пире од тиква (кое едноставно можете да го направите со печење или варење на тиквата), може да употребите и пире од јаболка или моркови. Од овие состојки ќе добиете 30-тина топчиња.

Потребни состојки:

1/3 шолја (од 250 мл) пире од тиква
1 ½ шолја издробени/мелени кекси со ѓумбир (или некои по ваш избор, кои се збогатени со зимски зачини како цимет, анасон, ѓумбир…)
3 лажици шеќер во прав
½ лажичка цимет
¼ лажичка мелен ѓумбир
малку оревчиња, но и не мора
1 прстофат сол
110-120 г крем сирење
1 шолја бело растопено чоколадо

за прелив:

400 г бело чоколадо
1 лажица масло

Постапка:

Измешајте ги сите состојки (освен за преливот) и со 1 шолја растопено чоколадо – во мултипрактик, сечко или блендер. Кога сите состојки убаво ќе се соединат, смесата ставете ја во посебен сад и оставете убаво да се стврдне во замрзнувач во период од 30-60 минути, не не премногу.

Топчињата вадете ги со помала лажичка за сладолед, па обликувајте го со дланките во правилно и мазно топче. Вака приготвените топчиња редете ги на рамна површина/плех обложен со хартија за печење или алуминиумска фолија. Потоа ставете ги во замрзнувач на 2 часа.

За прелив: белото чоколадо со 1 лажица масло растопете го на пареа, па стврднатите топчиња боцкајте ги со виљушка и потопувајте ги во чоколадниот прелив.

Редете ги во друга тепсија обложена со фолија. За да ги извадите од виљушката помогнете си со лажица, па потоа нежно измазнете ја површината додека не се стврднало чоколадото.

Топчињата од тиква одозгора наросете ги со трошки од мелени кекси и послужете ги веднаш, иако во фрижидер може да стојат и до седум денови.