Фото и изработка на Александра Шуманова според рецептот на Том Филос.

Рецептот за овие Баунти бомбици на еден многу креативен начин ни го претстави нашата драга членка Александра Шуманова во групата НМД рецепти. Смесата се приготвува многу брзо, а потоа од неа формирате топчиња и ги полевате со чоколадна глазура по ваш избор.

За сите љубители на кокосот, ова е еден едноставен и многу брз рецепт кој ќе го спремите додека сварите кафе.

Потребни состојки:

750 мл млеко
200 г шеќер
30 г ванилин шеќер
150 г гриз
100 г путер
250 г кокос

за глазура 1:

1 лажица млеко
1 лажица масло
100 г чоколадо

За глазура 2:

150 мл слатка павлака
100 г чоколадо

Постапка:

Во тенџере на умерен оган ставете 750 мл млеко со 200 г шеќер и 30 г ванилин шеќер. Мешајте додека млекото да зоврие, а шеќерот да се растопи. Потоа додадете 150 г гриз и 100 г путер и мешајте додека да се растопи. Потоа постепено додадете 250 г кокосово брашно.

Смесата тргнете ја на страна малку да излади, па вадете од тестото и формирајте топчиња со величина по ваша желба. Редете ги врз чинија обложена со фолија и оставете ги малку во фрижидер за да се стегнат. Одберете една од двете глазури со која би сакале да ги прелиете бомбиците или употребете некоја по ваш избор:

Глазура 1: На тивок оган ставете 1 лажица млеко, 1 лажица масло и 100 г чоколадо искршено на коцки. Загревајте и мешајте додека чоколадото да се растопи во мазна глазура.

Глазура 2: На тивок оган загрејте 150 мл слатка павлака и додадете 100 г чоколадо искршено на коцки. Мешајте додека да се растопи и соедини, а потоа прелијте ги топчињата. Почекајте малку да се стегне, па послужете ги. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото: