Фото и рецепт: Верче Костоска – Колпишмиде. Рецептот за оваа превкусна пита го објави нашата драга членка Верче Костоска во групата НМД рецепти.
Ова е најпознатата македонска погача за која секој крај си има свое име и свој стил на приготвување. Она што е заедничко, е неодоливиот вкус од кој не можете да се заситите. Рецепт 1 – Потребни состојки: 1,5 кг брашно, 1 филџан масло, 1 квасец (2 лажици адитив му ставив), 3 лажици сол и 1 лажица шеќер
Млака вода по потреба за да се замеси средно меко тесто колку да не лепи. Се формираат 12 топчиња, се развлекуваат со оклагија во величина на чинија и се премачкуваат со маргарин. На 4 места по 3 топчиња. Се редат едно врз друго, се премачкуваат со маргарин, само на последното не се става. Се оставаат 15 минути да отстојат, па се развлекуваат повторно во кора голема колку тепсијата (значи 4 кори).
Се става првата кора, се мачка со маргарин и се наросува со урда и рендан кашкавал. Одозгора се става втората кора и се повторува постапката. Кога ќе се стави четвртата кора се сече погачата на коцки, а одозгора се мачка со јајце, се наросува со сисам и се пече.
Рецепт 2 – Потребни состојки: 1 ½ свеж квасец, 1 лажичка шеќер, 300 мл млака вода, 2 јајца, 2 лажички сол, 700 г брашно +-, 80 г маргарин, 80 г свинска маст, јајце и сусам за премачкување. И уште 300 г овчо сирење +-
Постапка: Квасецот активирајте го во малку млака вода, 1 лажичка шеќер и 2 лажички брашно. Кога после 10-тина минути ќе запени, додадете ги јајцата, солта, брашното и остатокот од млаката вода. Замесете фино меко и мазно тесто. Оставете го да одмори 20-тина минути, па поделете го на 6 топчиња.
Тепсијата премачкајте ја со маст. Секое топче развлечете го во кора со величина на тепсијата. Маргаринот и растопената маст соединете ги, па секоја кора премачкувајте ја и филувајте ја со издробено сирење. Редете во тепсијата: кора-маст-сирење, па повторно кора…додека да се потрошат сите состојки.
Погачата исечете ја на ромбови или коцки или како сакате, а последната кора премачкајте ја со масло и јајце и наросете ја со сусам. Оставете ја да стаса додека тестото да ја исполни тепсијата и печете ја во загреана рерна на 200 степени додека убаво да зарумени.
Фото и рецепт: Верче Костоска