Тешко е сите благодети од овој чај одеднаш да се набројат. Прочитајте повеќе за лековитоста на овој чај и како се приготвува.
Пред сè треба да се напомене дека чајот од пченкарна свила може да се приготвува самостојно на следниот начин: една кафена лажичка ситно исечкана сува пченкарна свила се прелива со 200 мл вода, па се става на оган да зоврие. Потоа се трга и се остава поклопено да отстои 15 минути, по што се процедува и се пие незасладен, трипати дневно, секогаш свежо приготвен.
Благодетите од чајот од пченкарна свила се бројни, а некои од најпознатите во народната медицина се за лекувањето на следните болести и состојби:
1)кај воспаление на мочниот меур (бешика) – бидејќи има диретичен ефект и го олеснува празнењето на меурот и ги елиминира бактериите.
2)кај постоење на песок и/или каменче во уринарните патишта и бубрезите – бидејќи го зголемува создавањето на мокрача и механички ги елиминира штетните материи.
3)кај гихт – кој претставува заболување кое настанува поради таложење на кристали пурини во зглобовите.
4)кај постоење на менструални тегоби и предменструален синдром.
5)при држење диета – чајот од пченкарна свила го помага слабеењето и исфрлањето на вишокот течности од организмот.
6)кај пореметување на крвните садови – пред сè кога станува збор за воспалени вени, бидејќи ја помага циркулацијата на крвта и го намалува ризикот од тромбоза.
7)кај појава на анемија и слабокрвност – бидејќи има ефект да ја “чисти крвта”, па е значителен во случај на бројни крвни заболувања.
8)кај проблеми со црнодробната функција – помага да се детоксицира црниот дроб и повторно да се врати во рамнотежа неговата функција.
9)кај постоење на депресивни состојби како и во превенција и ублажување на симптомите од Алцхајмерова болест.
Исто така, пченкарната свила се користи и за лекување на вени во вид на облози, бидејќи има ефект да ги намалува воспаленијата и болката, како и да ја подобрува циркулацијата на периферната крв.
ПЧЕНКАРНА СВИЛА – НУСПОЈАВИ И НЕСАКАНИ ДЕЈСТВА
Чајот од пченкарна свила нема познати и тешки несакани реакции по организмот. Треба да се обрати внимание доколку постојат алергиски реакции кај лица чувствителни на некои од состојките на пченкарната свила.
Препорака е исто така, чајот да не се пие доцна навечер, бидејќи може да доведе до нагони за мокрење и да го поремети спиењето.
ПЧЕНКАРНА СВИЛА ВО КОМБИНАЦИЈА СО ДРУГИ БИЛКИ
Помалку е познато дека доколку пченкарната свила не се исуши доволно добро, тогаш ги губи лековитите својства.
ЧАЈ ОД ПЧЕНКАРНА СВИЛА И МАГДОНОС – најсилниот диуретик
Познато е дека магдоносот е еден од најсилните природни диуретици, па комбиниран со пченкарната свила има уште подобар ефект. Комбинацијата од овие две билки помагаат кај циститис, слабеење, елиминација на вишок течности од организмот, уринарни инфекции, исфрлање на камен и песок од бубрезите и мочните канали, регулација на менструалниот циклус, ублажување на синдромот на иритабилен колон.
ПЧЕНКАРНА СВИЛА И ЗЕЛЕН ЧАЈ
Комбинацијата е одлична за лекување на целулит и за слабеење. Имено, познат е дека зелениот чај е богат со антиоксиданти, како и со кофеин кој е одличен во борбата против целулитот и масните наслаги. Пченкарната свила има засилувачки ефект, бидејќи помага да се исфрли вишокот течности од организмот.
Ваквата мешавина е доста значајна и за општа детоксификација на организмот и за исфрлање на наталожените штетни материи.
И најпосле, комбинацијата од пченкарна свила и зелен чај ја помага работата на црниот дроб, ги прочистува крвните садови и спречува појава на атеросклероза.
ЧАЈ ОД ПЧЕНКАРНА СВИЛА И КОЊСКО ОПАВЧЕ
Уште една добро позната чајна мешавина, диуретик кој се користи за тегоби со уринарните патишта. Се користи за лекување на воспалителни процеси на цревата, бубрезите и уринарните патишта.