За да биде меко лепчето и воздушесто, одвојте ги белките од жолчките и прво изматете ги белките, па потоа додадете ги и жолчките.
Соединете ги сите состојки, излејте ја смесата во намастен калап и печете. Колачот е многу вкусен, брзо и едноставно се приготвува. Може да користите разно суво овошје по ваш вкус.
Потребни состојки: 3 јајца, 1 ванилин шеќер, 1 прашок за печиво, 2 шолји шеќер (од 200 мл), 1 шолја млеко, 1 шолја растопен путер, 3 шолји брашно, 1 супена лажица цимет, 400 г суво овошје по избор, 1 лимон, 1 портокал, 100 г чоколадо (може и без чоколадо) и цимет за наросување на колачот
Постапка: Трите белки пенасто изматете ги во цврст снег, со најсилна брзина на миксерот. Потоа една по една додадете ги жолчките. Постепено додадете ги ванилиниот шеќер и кристалниот шеќер и матете додека да се растопи.
Во смесата додадете го растопениот и оладен путер, како и млекото, па намалете ја брзината на миксерот и додадете ги сувите состојки: прашок за печиво, брашно и супена лажица цимет. Смесата лесно доматете ја со миксер за состојките убаво да се соединат.
Додадете ситно сечкано суво овошје по желба (брусница, суво грозје, суви кајсии, ореви, лешник, суви смокви, урми, сув ананас…).
Изрендајте кора од лимон, портокал и 100 г чоколадо, промешајте со лажица и добиената смеса излејте ја во намастен и набрашнет плех или куглоф и ставете да се пече во претходно загреана рерна, на 180 степени околу 50-55 минути (во зависност од јачината на рерната).
Печениот колач превртете го на даска или чинија и додека е врел наросете го со цимет во прав (или шеќер во прав).
Coolinarika.com