Многу вкусни пирошки со сирење и пченкарно брашно, брзо се приготвуваат и не впиваат масло.
Потребни состојки: 200 г пченкарно брашно, 400 г бело, пченично брашно, 100 мл млака вода, 150 мл јогурт на собна температура, 1 лажичка шеќер, 2 лажички сол, 10 г прашок за печиво, 15 г свеж квасец ( една третина од коцката), 200 г сирење, 2 јајца, 200-300 мл масло за пржење
Постапка: Доколку сакате побрзо да ги приготвите пирошките, најпрво вклучете ја рерната да се загрева на 50 степени. Во подлабок сад измешајте ги двата вида брашно, па додадете прашок за печиво и сол и убаво измешајте.
Во 100 мл млака вода додадете лажичка шеќер и издробете го квасецот. Промешајте убаво да се раствори, па додадете две јајца, 150 мл јогурт и 200 г издробено сирење. Убаво измешајте ги состојките со жица за матење, а потоа постепено додадавјте го брашното.
Мешајте со лажица додека можете, а потоа продолжете со рака. Не треба долго да се меси тестото, туку колку да се формира и да престане да се лепи на рака. Покријте го и оставете го да стасува во рерна загреана на 50 степени или на топло место, 15-20 минути.
Стасаното тесто не треба да се премесува. Работната површина на која ќе го развлекувате тестото намастете ја со масло. Тестото со намастена дланка малку притиснете го, а потоа со оклагија развлечете го во правоаголна кора со дебелина од 1,5-2 см.
Сечете ленти широки околу 2-2,5 см, а должината одредете ја по желба. Маслото загрејте го на оган, па на умерена температура пржете ги пирошките додека да заруменат од двете страни. Вадете ги на хартиена салветка. Деталите можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.