Бројот на заболени со помош на овој лек се намалува за 79%, а инфекцијата се сведува на обична кивавица.

Прелиминарните резултати од клиничкото испитување сугерираат дека новиот лек со име SNG001 би можел драматично да го намали бројот на сериозно заболените од ковид 19, тврди британската компанија која го развива, а чиј еден од основачите е професорот д-р Ратко Џукановиќ.

Лекот на биотехнолошката компанија од Саутемптон, Синаирген, користи протеин под називот интерферон кој телото го произведува кога ќе добие вирусна инфекција и засега се покажал повеќе од одличен во намалување на тешкиот облик на болеста, пишува BBC.

Компанијата Синаирген ја основале професорите Дона Дејвис, Ратко Џукановиќ и Стивен Холгејт, кои како што се наведува, продолжуваат да играат активна улога во развојот на таа куќа.

КОЈ Е ПРОФЕСОРОТ ЏУКАНОВИЌ?

Именуван е за професор по респираторна медицина во Саутемптон 2004 година, а станал професор по медицина во 2011 година. На Универзитетот обавува повеќе раководни места, меѓу другото е и директор на Одделението за инфекција, воспаленија и имунитет.

Го надгледувал соединувањето на ова одделение со Одделението за клиничка невронаука, формирајќи ново Одделение за клиничка и експериментална наука. Професорот Џукановиќ е директор на Националниот институт за здравствени истражувања од Респираторната биомедицинска истражувачка единица и директор на Центарот за биомедицински истражувања при Саутемптон.

Професорот Џукановиќ води група научници, вклучително и постдипломци кои ја проучуваат улогата на инфламаторните клетки (меѓу кои се и Т-клетките) во астмата и хронична опструктивна болест на белите дробови. Неговиот тим меѓу останатото ги истражува и процесите предизвикани од алергии и вируси, во потрага по нови лекови.

КАКО ГО ОТКРИЛЕ ЛЕКОТ?

Протеинот се инхалира директно во белите дробови на пациентот заболен од корона вирусот, и тоа користејќи небулизатор (вид на сложен инхалатор), со идеја да се поттикне имунолошки одговор. Првите откритија покажуваат дека со ваквиот вид на лекување се намалил бројот на оние кои развиле тежок облик на ковид 19, т.е. на оние на кои им е потребна механички респиратор, за 79%.

Пациентите имале 2 до 3 пати поголеми шанси да се опорават до ниво кое не ги ремети нивните секојдневни активности, тврди Синаирген.

Тие наведуваат дека ова испитување укажало на значително намалување на тегобите, особено на редукција на симптомите како што се недостиг на воздух. Исто така и просечното време на пациентите кои го поминуваат во болница се намалило за третина, односно, од 9 на 6 денови. Во испитувањето учествувале 101 доброволец, сместени во девет болници во Велика Британија поради инфекција со ковид 19. Половина од учесниците добиле лек, а втората половина добиле плацебо – неактивна супстанција.

Правилата ги обврзува Синаиргин да ги објави прелиминарните резултати од испитувањата. Резултатите сè уште не се објавени во списанието со рецензија, па не се достапни сите податоци. BBC наведува дека, ако резултатите се такви како што тврди компанијата, тоа ќе биде многу важен чекор во напредокот во лекувањето на коронавирусната инфекција.

Научникот задолжен за ова испитување Том Вилкинсон вели дека, доколку резултатите се потврдат во поголема студија, новиот лек ќе претставува пресвртница.

Испитувањето е релативно мало, но има многу силни наговестувања дека лекувањето ќе биде ефикасно за пациентите, вели тој.

“Не би можеле да очекуваме подобри резултати од овие”, рекол извршниот директор на Синаирген Ричард Марсден.

Резултатите ги опишал како “голем пробој во лекувањето на хоспитализираните пациенти со ковид 19”. Мардсен вели дека компанијата во следните неколку денови ќе ги претстави своите откритија ширум светот, за да проверат кои дополнителни информации ќе им бидат потребни за да се одобри лекувањето. Тој процес би можел да потрае и со месеци, иако британската влада и уште некои други најавија дека ќе ја забрзаат процедурата, а можно е лекот да биде одобрен и по итна постапка, како што тоа беше случај со ремдесивирот во мај.

КАКО ДЕЛУВА ОВОЈ ЛЕК?

Интерферон бета е дел од првата одбранбена линија на организмот од вируси и го предупредува телото дека го очекува напад од вируси. Изгледа дека коронавирусот го спречува неговото производство, како дел од стратегијата за напад на нашиот имунилошки систем.

Новиот лек е посебна формулација на интерферон бета кој директно се уфрла во дишните патишта со помош на инхалатор кој го претвора протеинот во аеросол.

Целта е директна доза од протеинот во белите дробови да поттикне силен антивирусен одговор, па дури и кај пациенти чиј имунолошки систем е многу слаб. Интерферон бета најчесто се користи за лекување на мултипла склероза.

Претходните клинички испитувања спроведени од Синаирген покажале дека може да се поттикне имунолошки одговор и дека пациентите со астма и други хронични заболувања ќе можат комотно да го поднесат лекувањето.