Ако ви се јаде нешто слатко, а немате многу време, ова е одличен колач кој ќе ги задоволи вашите барања и што е најважно, вашите сетила.
Ова е многу вкусен колач со гриз и џем, за чие приготвување нема да ви биде потребен миксер ни многу време, а ниту скапи намирници. Се добива еден фантистечен и сочен колач. Инаку, состојките за овој колач се мерат со една иста шолја од 200 мл.
Потребни состојки: 3 јајца, 1 шолја (од 200 мл) шеќер, 1 ванилин шеќер, 1 шолја брашно, 1 шолја гриз, 1 шолја масло, 1 шолја млеко, 1 прашок за печиво, 1 шолја џем по ваш избор. Се пече во плех со димензии приближни на 33х20 см, а се пече во загреана рерна на 180 степени околу 25 минути
Постапка: Загрејте ја рерната на 180 степени. Во поголем сад изматете три јајца со жица за матење (или со миксер доколку ви е полесно, но нема потреба од пенасто матење).
Потоа додадете една шолја шеќер и еден ванилин шеќер. Измешајте за да се растопи шеќерот (а по вкус може да додадете и кора од лимон или портокал или лажичка цимет). Потоа додадете млеко и малку промешајте.
Додадете масло, па промешајте (после секое додавање на состојките малку промешувајте за да се соединат и изедначат, најпрво течните, а потоа и сувите). Потоа додадете гриз и повторно промешајте за да нема грутчиња. На крај се додава брашното и прашокот за печиво.
Кога на крај ќе се соединат убаво состојките, додадете една шолја џем по ваш вкус. Мешајте малку подолго за да добиете убава хомогена смеса. Тепсијата 33х20 см намастете го со масло и набрашнете ја, па излејте ја смесата (тепсијата може да ја обложите со хартија доколку сакате).
Колачот ставете го во загреана рерна на 180 степени да се пече околу 25 минути. Одозгора наросете го со шеќер во прав или да изрендате чоколадо.
Колачот може да се јаде топол, но и ладен, а мек останува и до третиот ден (ако преживее). Деталите може да ги погледнете во видеото: