Тортата со јагоди и пишкоти мора да ја направите додека има свежи јагоди или малини. Се приготвува многу брзо и лесно, а прекрасно изгледа. Премногу е вкусна, а лесна и освежителна. Мора да ја пробате!

Потребни состојки:

500 г исчистени јагоди
400 г пишкоти
500 мл слатка павлака
100 г чоколадо за готвење
1 кесичка желатин
5 лажици ладна вода
200 г кисела павлака
150 г шеќер во прав
50 г готови пуслици
700-800 мл млеко за натопување на пишкотите

Постапка:

Прелијте го желатинот со вода и оставете го да набубри. Изматете ја слатката павлака со миксер. Додадете шеќер во прав и изматете уште еднаш да се соедини. Додадете ја и киселата павлака, па повторно изматете.

Јагодите исечкајте ги на ливчиња, а желатинот растопете го на пареа или на тивок оган. Откако малку ќе излади, додадете го во филот и изматете.

Калап за торти 24 см обложете со фолија. Пишкотите натопувајте ги во млеко и редете ги на дното од калапот, во круг и покрај ѕидот/обрачот на калапот (да биде убаво обложен калапот од сите страни).

Филот поделете го на 4 делови: првиот дел рамномерно распоредете го врз пишкотите во калапот. Половина од јагодите наредете ги врз филот, па врз нив повторно нанесете фил.

Потоа наредете ги пуслиците и одозгора наросете со 50 г рендано чоколадо. Нанесете го третиот дел од филот и израмнете, па наредете ја втората половина јагоди. Одозгора премачкајте со четвртиот дел од филот и наредете пишкоти натопени во млеко.

Тортата прекријте ја со фолија и оставете во фрижидер да излади и да се стегне неколку часови. Потоа извадете ја од калапот и украсете со 50 г рендано чоколадо и јагоди. Деталите погледнете ги во видеото: