Многу вкусни соленчиња, секогаш правам двојна доза.

Потребни состојки за квас:

½ свеж квас
2 лажички шеќер
2 лажички брашно
400 мл топло млеко

За тесто:

700 г брашно
100 мл масло
1 лажичка сол

За прелив:

2 лажички сол
4 лажички брашно
6 лажици млака вода
малку прашок за печиво (2 прстофати)

Постапка:

Направете го квасот од наведените состојки во садот каде што ќе го замесите тестото. Кога квасот ќе се активира, додадете 500 г брашно, масло и сол.

Мешајте го тестото со лажица три минути, а потоа додадете го остатокот од 200 г и со рака замесете во хомогено тесто. Оставете го да стасува 45 минути.

Кога тестото убаво ќе стаса, уште еднаш премесете го и поделете го на два еднакви делови. Од секој дел поделете го уште на четири еднакви делови. Значи, севкупно на крај имате 8 топчиња.

Од првите четири направете 4 долги соленки (ролајќи ги со рацете), да бидат долги приближно 50 см. Сите четири соленки можете да ги наредите една до друга и потоа со нож да ги пресечете на 4 или 5 делови. Постапката повторете ја и со другите топчиња. Редете ги во плех обложен со хартија и внимавајте да оставате растојание помеѓу нив, бидејќи уште ќе растат.

Оставете ги прекриени со крпа уште еднаш да стасаат во плехот околу половина час. Печете ги на 200 степени околу 12 минути.

Додека се печат пригответе го во еден сад преливот од наведените состојки. Преливот треба да биде со густина како смесата за палачинки.

Откако соленките се печеле околу 12 минути, со лажица нанесете врз нив од преливот и вратете ги назад во рерната да се допечат на иста температура уште 2-3 минути.

Врелите печени соленчиња премачкајте ги со путер или масло.

coolinarika.com