Боровинките се едни од најздравите бобинки. Сокот од боровинки се препорачува кај оние кои имаат ниско ниво на железо во крвта, за имунитет кај децата и возрасните.
Но сите ќе се согласите, малку се прескапи за нашиот стандард. Сепак, ако живеете во куќа, ако имате свое парче земја, или во најлош случај, дури и на вашиот балкон, можете да одгледате боровинки!
Боровинката претставува повеќегодишен џбун со различна висина, во зависност од подвидот (европската е висока од 25 до 40 см, додека американската од 70 до 120 см).
Во Македонија, на високите планински врвови, природно расте европската боровинка. Кореновиот систем е плиток и се простира на длабочина од 15 до 60 см. Цвета релативно доцна (во наши услови во месец мај), со што ги избегнува пролетните мразеви.
Плодовите, во зависност од сортата, зреат од третата декада на јуни до крајот на јули. Богати се со витамини, антоцијани, шеќери и сл. Поради овие карактеристики на плодот, се користи во свежа состојба и за различни преработки.
Боровинката има специфични барања кон почвата и климата. Успева на богати почви со содржина на хумус повеќе од 3%, длабоки до 50 см, растресити и со кисела реакција (Ph 4.3 до 4.8).
За успешно одгледување, боровинката бара висока релативна влажност на почвата,воздух и врнежи од околу 800 мм. Во однос на температурата, особено во ниски температури е доста отпорна и издржува до -25°C.
Како да ја одгледате во домашни услови:
Изберете место во вашата градина, кое е сончано, боровинките бараат многу сонце.
Помеѓу секоја садница, оставете еден метар растојание.
Доколку се одлучите да ја засадите во саксија, ширината на дното од саксијата треба да биде минимум 20 сантиметри.
Во садниците ставајте околу 10 сантиметри вода неделно.
За да ги заштитите од птици и инсекти, околу садницата ставете бамбус или мрежа.
Според научниците, една садница боровинка, може да дава плодови, дури и до 20 години. За таа цел, редовно плевете ја и одржувајте ја садницата.
Боровинките цутат малку подоцна, кон крајот на мај и поради тоа не страдаат од пролетниот мраз. Плодовите се берат најчесто во јули.
Најпрво нивната боја ќе стане сина, но не ги собирајте веднаш, туку оставете ги уште неколку дена. Знак дека може да се берат е, кога ќе ги допрете, самите да ви паднат во раце.