Вкусен кремаст колач кој нема да ви одземе многу време.

Потребни состојки:

6 јајца
8 лажици шеќер
3 лажици брашно
10 лажици мелени ореви
½ прашок за печиво

За крем:

250 г путер
200 г шеќер
4 жолчки
2 ванилин шеќер
8 лажици мелени ореви
4 белки
6 лажици шеќер

За декорација:

400 мл слатка павлака за шлаг
4-5 лажици шеќер
малку мелени ореви

Постапка:

Изматете ги јајцата и шеќерот. Додадете брашно, ореви и прашок за печиво, па измешајте со лажица (без миксер, за да остане пенливо).

Смесата излејте ја во намастен и набрашнет плех со средна величина и ставете да се пече во загреана рерна додека да зарумени. Пробајте со чепкалка дали е готово. Печената кора оставете ја целосно да излади.

Омекнатиот путер на собна темепратура изматете го со шеќерот и ванилин шеќерот. Додадете ги жолчките и продолжете со матење.

Измијте ги жиците од миксерот, па измате снег од белки со 6 лажици шеќер. Снегот од белки додадете го во путерот. Додадете и ореви, па сето заедно изматете го со миксер.

Кремот нанесете го врз целосно ладната кора, па оставете во фрижидер да се стегне. Изматете ја слатката павлака во цврст шлаг, па нанесете ја врз кремот. Одозгора наросете малку мелени ореви и оставете во фрижидер целосно да излади. Потоа сечете на коцки и послужете.