Фото и рецепт: Мајуша
Овој рецепт го добив од сосетката, тетка Боса која живее во моето родно место. Често ги правеше овие питулици и нè викаше на гости да ги јадеме. Кога имав 14 години се обидов да ги направам, ама на сè личеа, само на питулици не. Неодамна повторно ја сретнав тетка Боса и се сетив на нејзините питулици. И’ го побарав рецептот и еве ги направив, успешно…
Потребни состојки за две кори:
350 г брашно
малку сол
3 жолчки
млака вода
За фил:
200 мл млеко
1 шолја (за бело кафе ~ 150 – 200 мл) гриз
1 шолја домашен или купечки кајмак
1 лимон – рендана кора
½ растопен путер од 200-250 г
за шербет:
650 г шеќер
800 мл вода
Постапка:
Од брашното, жолчките, солта и млаката вода замесете мазно тесто како за пита. Направете две топки и оставете малку да одмори.
Додека тестото одмора пригответе го филот: Млекото сварете го, додадете го гризот, а кога ќе излади додадете му изматени белки во снег, кајмакот и лимоновата кора.
Потоа ставете да свари шербетот, неколку минути додека да се растопи шеќерот.
Додека се вари шербетот, развлечете ја првата кора. Исечете ја на ленти и преполовете ги. Секоја лента премачкајте ја со растопен путер.
На краевите од лентите ставете по малку фил, па потоа виткајте ги како триаголници. Редете ги во тепсија еден до друг.
Кога сите ќе бидат наредени, прелијте ги одозгора со врел путер, исто како за баклава.
Ставете да се пече во загреана рерна на 220 степени околу 25 минути или додека да добие убава златна боја. Врелите питулици полијте ги со топол шербет.