Порано постојано ги купував готовите штрудли. Ги знаете оние што се замрзнати и само се ставаат да се испечат? Овие се исти такви, само многу поубави, со мноооогу ванила крем, киселкасто овошје и воздушесто, лиснато тесто. Овошјето можете сами да го комбинирате, она што вие го сакате. Рецептот подолу е за 4 штрудли како оние од фотографијата.

Потребни состојки:

4 блок теста, тоа се 2 пакувања лиснато тесто
1 литар млеко
2 пудинг од ванила
2 лажици скроб + 3 лажици густин/нишесте
15 лажици шеќер (или по вкус)
250 г малини
1 полна рака вишни (може и не мора)
200 мл вода
брашно за наросување на тестото
1 јајце за премачкување

Постапка:

Оставете го тестото да се одмрзне.

Од литар млеко одземете 200 мл, па додадете пудинг, 2 лажици скроб, 8 лажици шеќер и убаво промешајте.

Остатокот од млекото ставете го да проврие, па додадете го изматениот пудинг и мешајте додека да згусне. Тргнете од оган и оставете да излади.

Јас имав замрзнати малини, па ги прелив со 100 мл вода и 7 лажици шеќер, па ги ставив на оган. Вие употребете овошје какво што имате. Кога овошјето ќе се одмрзне и ќе зоврие, испасирајте го во пире. Во преостанатата вода разматете го густинот, па додадете го во зовриените малини и мешајте додека да згусне. И овој крем оставете го да излади.

Кога тестото е одмрзнато, развлечете го во кора. Наросете го со брашно и развлечете го со оклагија во правоаголна кора со ширина на плехот и должина околу 20 см.

На долгата страна, по цела должина ставете доста од изладениот пудинг. Ставете ванила и малини.

Полека свиткајте ја штрудлата, а горната ивица премачкајте ја со вода, за поубаво да се залепи тестото. Стиснете ги краевите, па префрлете ја штрудлата во плех обложен со хартија.

Истото повторете го со останатите три теста. Одозгора накосо засечете ги со остар нож, па премачкајте ги со јајце (јајцето ставете го во шолјичка и исфрлете половина од белката. Остатокот изматете го и со тоа премачкајте ги штрудлите).

Ставете да се печат во претходно загреана рерна на 220 степени, околу 30 минути или во зависност од рерната, додека убаво да заруменат.

Кога се печени, извадете ги да изладат, наросете ги со шеќер во прав и послужете ги.