Кога го приготвувате рижото, не мора стриктно да се држите според рецептот, туку слободно можете да комбинирате, да додавате или одземате состојки кои вие си ги сакате.
Јадењето е многу лесно, а може да се приготви од зеленчук кој што го имате во моментот, пилешко и ориз. Овојпат е приготвен со пченка шеќерец од конзерва 300 г. Пилешкото месо може да биде бело месо, батаци со карабатак, а оние кои сакаат крилца, може да ги наредат одозгоре во тепсијата, преку риото и убаво да ги запечат во рерна.
Потребни состојки:
600 г пилешко бело месо без кожа и коски
2 средни главици кромид или 1 голема
1 лажица сув зачин
100 мл масло
2-3 моркови
1 шолја грашок (или 2 шолји мешавина за руска салата)
1,5 шолја ориз
1 конзерва пченка од 300 г
сол и црн пипер по вкус
Постапка:
Исечкајте го пилешкото на коцкички, па загрејте го маслото и пилешкото пропржете го додека да добие златно жолта боја до светло кафеава.
Извадете го месото, а во истата маснотија пропржете го ситно сечканиот кромид додека да застакли и карамелизира.
Во пржениот кромид додадете го зеленчукот и налејте малку вода, колку да се покрие, па оставете да се динста 15-тина минути, со повремено додавање топла вода.
После 15-20 минути додадете го оризот, па налејте вода колку да се покрие.
Гответе на умерен оган и полека мешајте и долевајте по малку вода додека оризот да биде сварен.
На крај додадете го пропрженото бело месо и пченката. Посолете и запиперете по вкус, па промешајте. Треба да остане сочно, Послужете топло.