Фото и рецепт: Елизабета

Некаде околу 29 ноември или периодот кога “традиционално” се колеа свињите, се приготвуваше и ова јадење во огромно тенџере, за целата поблиска фамилија (децата и внуците) и касапите, а секако на трпезата ќе се придружеше и некој од соседите привлечен од примамливата миризба.

Секако, ова превкусно јадење може да се приготви во помала количина, во било кој дел од годината, но најубаво е зимно време. Доболно е само да го почувствувате мирисот, за да се вратите во детството…

Потребни состојки:

300-350 г чисто свинско месо
2 страка праз со средна големина
4-5 пиперки од жива туршија (или свежи, или суви везени)
2-3 лажици маст или масло
сол по вкус

Постапка:

Месото исечкајте го на парчиња со величина на еден залак. Исечкајте ги пиперките и празот на поголеми парчиња, не треба да бидат премногу ситни.

1.Начин: Запржете го месото на маста додека убаво да зарумени и фати коричка. Потоа додадете го празот и пржете уште неколку минути со повремено мешање за да омекне празот.

Со свежи пиперки: Кога празот напола е готов, додадете ги пиперките, посолете по вкус и пржете ги заедно додека да бидат готови.

Со кисели пиперки: Киселите пиперки од туршија се додаваат на самиот крај кога празот е готов, бидејќи тие не треба многу да се пржат.

2.Начин: Исто така, можете прво да го испржите месото, па да го извадите и во истата маснотија да го пропржите празот, па да ги додадете пиперките и на самиот крај да го вратите месото за да се помешаат вкусовите.

Се послужува топло со тазе печен леб од фурна. Со јадењето може да послужите туршија, но нема да ви потребно ако сте користеле кисели пиперки. Може да послужите со чаша добра македонска греана ракија.