Кифлички меки како душа – може да ги јадете во било кој период од денот, со салата, со било какво јадење – превкусни се! Фотографии и рецепт на Даница Данче Стојева.
Нашата драга членка и почитувана читателка на НДМ Данче Стојева ни го откри својот рецепт и постапката за приготвување на овие феноменални кифли. На почетокот даден е основниот рецепт за приготвување на кифлите од 1 килограм брашно, а под него можете да прочитате и како се приготвува двојната доза доколку се подготвувате за празниците и потребна ви е поголема количина од истите.
Потребни состојки: 1 кг брашно, 500 мл млако млеко, 1,5 лажица сол, 1 лажица шеќер, 150 мл масло, 1 коцка свеж квасец, 3 јајца од кои 2 жолчки се за мачкање, сусам за наросување и путер или маргарин за врз кифличките пред печење.
Постапка: Во млакото млеко растворете го квасецот со една лажица шеќер и малку брашно. Убаво промешајте и оставете да се активира квасецот околу 10-15 минути. Потоа додадете ги останатите состојки и замесете мазно, помеко тесто кое не се лепи на раце.
Тестото удрете го 10-тина пати од работната маса, па формираната топка оставете ја на топло за да се удвои, приближно околу 45 минути.
Од стасаното тесто се формираат мали топчиња кои се развлекуваат на намастена површина во овални, долги, тенки кори. Се засекуваат од едната страна (види фото) и свиткајте во кифли.
Вака наредените кифли редете ги во плех обложен со хартија и оставете ги 15-тина минути да одморат. Премачкајте ги со јајце (жолчки разматени со малку млеко или к.млеко), наросете ги со сусам и одозгора ставете парче путер/маргарин (види фото).
Се печат 15-20 минути во претходно загреана рерна на 200 степени или според вашата рерна. Печените кифли се покриваат со пешкир или памучна крпа додека да се изладат и омекнат од сопствената топлина.
ДВОЈНА ДОЗА – Потребни состојки: 2 кг брашно+200-300 г за размесување, 3 лажици сол, 1 литар млеко, 300 мл масло, 6 јајца (од нив 3 жолчки се за мачкање), 2 коцки квасец претходно активиран во 100 мл млака вода, 1,5 лажица шеќер, маргарин за врз кифлите и сусам за наросување
Постапка: Се замесува тестото како што е претходно опишано и се остава да стасува еден час. Потоа од него се прават мали топчиња и на намастена работна површина се развлекуваат долгнавести кори, се расекуваат по должина 3-4 пати и се виткаат во кифли.
Кифлите се редат во плех, се оставаат малку додека да се завршат сите кифли, па се премачкуваат со жолчка и наросуваат со сусам. Се печат 20-тина минути на 180 степени во рерна со вентилатор.
Фото и рецепт: Даница Данче Стојева