Фото и рецепт: Мема

Овие посебни и многу вкусни триаголници, се еден од моите најомилени суви колачи веќе триесеттина години. Иако бараат внимание во постапката, сепак ги правам неколку пати годишно, во различни пригоди, за членовите на моето семејство, но и во еден круг на мои драги пријатели. Бидејќи, освен мене, сите тие многу ги сакаат овие триаголници зошто премногу се вкусни.

Потребни состојки: 300 г брашно тип 550, 1 мала лажичка прашок за печиво, 130 г шеќер, 2 ванили шеќер, 2 јајца, 130 г путер. За премачкување: 4 големи лажици џем од кајсии. За крем: 200 г путер или маргарин, 200 г шеќер, 2 ванилин шеќер, 4 лажици вода, 200 г мелени ореви, 200 г грубо сечкани ореви. Глазура: чоколадо со малку масло

Постапка: Брашното измешајте го со прашок за печиво и просејте го врз работна маса. Направете вдлабнување во кое ќе ги ставите шеќерот, ванилин шеќерот, јајцата и ќе промешате во една гиста смеса. Додадете парчиња ладен путер и замесете мазно тесто. Ако се лепи оставете го во фрижидер да се олади.

Потоа тестото развлечете го во плехот за печење кој претходно сте го намастиле и набрашниле. Потоа премачкајте го со џем од кајсии.

За крем: измешајте го путерот, шеќерот и ванилиниот шеќер со водата, ставете да зоврие, па додадете ги сите ореви (и мелените и сечканите).

Приготвениот крем ставете го во фрижидер, а откако ќе излади распоредете го врз тестото. Вака приготвениот колач ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени околу 20 минути.

После печењето оставете малку да излади, па со помош на линијар сечете квадрати 8х8 см, а потоа секој квадрат исечете го дијагонално за да добиете триаголници.

Измешајте ги заедно чоколадото со растопениот путер и малку врела вода и убаво промешајте за да добиете мазна смеса. Двата остри агли од триаголниците натопувајте ги во чоколадната глазура и оставајте ги на решетка за да се стегнат. Крајниот резултат ќе ве воодушеви.