Ако користите поголема чаша како мене, излегуваат околу 30 или повеќе. Со помала чаша може да добиете 40 и 50 руски шубари. Пробајте го рецептот, убедена сум дека ќе ви се допадне.

Потребни состојки:

2 јајца
5 лажици шеќер
80 г путер омекнат на собна температура
500 мл (мерено волуменски) или 290 г брашно
1 прашок за печиво

за фил:

250 г мелени ореви
150 мл шеќер (мерено волуменски, или по вкус)
1 ванилин шеќер
100 мл млеко
120 г путер

за глазура и наросување:

200 г чоколадо за готвење
5 лажици масло
150 г мелени ореви

Постапка:

Јајцата и шеќерот пенасто изматете ги со жица, колку да се поврзат, па додадете го путерот, брашното помешано со прашок за печиво.

Убаво замесете со рака додека да добиете меко тесто кое не се лепи на рацете.

Веднаш развлечете тенка кора приближно 3 мм. Тестото многу се зголемува додека се пече. За сечење на тркалцата јас користам чаша од 4 см.

Сечете ги круговите, редете ги во плех обложен со хартија и печете ги во загреана рерна на 180 степени само 5 минути.

Колачите мора да останат бели и меки. Излегуваат колку за два големи плеха од рерна.

За фил: Ставете го млекото да проврие, па додадете шеќер и ванила. Кога шеќерот ќе се растопи, додадете ги мелените ореви. Убаво промешајте и оставете да излади. Потоа додадете претходно пенасто изматен путер.

За глазура: на пареа растопете го чоколадото со масло. Земете едно колаче, филувајте го со една преполна лажичка фил од ореви. Поклопете со друго колаче. Натопете го странично со глазурата (како да го тркалате), па веднаш валкајте го во мелени ореви.

Готовите шубари чувајте ги во фрижидер. Може да се јадат и веднаш, одлични се, но најдобри се кога ќе преноќат еден ден.

Филот за оваа мерка е доволен, но вие ако сакате направете повеќе фил.