Фото и рецепт: Верче Костоска
Овој рецепт за превкусните ѓевреци ни го претстави нашата драга Верче Костоска во групата НМД рецепти. Постапката е едноставна, ќе уживате додека ги приготвувате, а уште повеќе во нивниот неодолив вкус! Подолу има уште еден рецепт, без квасец.
Потребни состојки:
1 кг брашно
1 квасец
100 мл масло
3 лажици сол
1 лажица шеќер
млака вода по потреба (околу 500-600 мл)
маргарин/путер за премачкување на корите
жолчка и сусам за премачкување и наросување на ѓевреците
Постапка:
Од наведените состојки се замесува мазно, средно меко тесто кое не се лепи. Се остава половина час да стасува, по што се премесува и се дели на 12 топчиња, односна на две места по 6.
Секое топче се развлекува во кора со големина на чинија, а одозгора се премачкува со путер. Само последната (шестата) кора не се мачка.
Откако ќе се наредат шесте кори една врз друга, постапката се повторува и со останатите шест топчиња.
Од едниот куп се развлекува голема правоаголна кора која преку целата површина се премачкуав со путер. Може да се филува со ситно сирење, кулен, сланина, суво месо, маслинки, шунка или било што друго по ваш вкус.
Филот се става само на едната половина. Кората се поклопува на половина и уште еднаш се развлекува со оклагија.
Потоа се сечат долги ленти (потоа на половина за помали ѓевречиња), се вртат спирално и се спојуваат како прстен.
Се редат во плех обложен со хартија, па се премачкуваа со жолчка и се наросуваат со сусам. Се печат во добро загреана рерна на 250-200 степени (во зависност од вашата рерна) додека да добијат убава златна боја.
РЕЦЕПТ БЕЗ КВАСЕЦ
Потребни состојки:
1 кг брашно +-
1 лажица сол
500-600 мл ладна вода
2х250 г маргарин
Постапка:
Од наведените состојки замесете мазно тесто и поделете го на 3 делови. Двата маргарини поделете ги на 6 делови.
Првиот дел од тестото развлечете го со оглагија и премачкајте го со со еден дел маргарин, па преклопете го од сите страни како пакетче. Покријте го со најлон фолија и ставете го во замрзнувач. Повторете ја постапката со другите два дела. Кога ќе завршите со третиот дел, земете го првиот дел и повторете ја постапката уште еднаш, па вратете го на зад во замрзнувач.
Рерната загрејте ја на 250 степени. Земете го првиот дел и развлечете го, па сечете го на ленти. На лентите редете сланина (пршута или нешто по ваша желба), па преклопете со друга лента. Свиткајте пирално, па како прстен, во вид на ѓеврек. Ѓевреците премачкајте ги со жолчка и наросете ги со сусам, па веднаш ставете ги да се печат во загреана рерна.