Тешко голтате, ве гребе и ве боли грлото? Проследено е со кашлање и кивање?
Доколку веќе ги чувствувате првите симптоми од воспалено грло, појдете до блиската аптека и купете корен од бел слез и сладок корен.
Чајот од овие билки може да го смири восплението на вашето грло и да го закрепне вашиот организам.
Исто така, снабдете се и доволно витамин Ц, а од исхраната исфрлете ги млечните производи, бидејќи тие дополнително поттикнуваат создавање на слуз во организмот, а со тоа се влошува кашлицата.
ЛЕКОВИТИОТ БЕЛ СЛЕЗ
Белиот слез (Althaea officinalis ) е лековита билка која обилува со здрава, природна слуз. Затоа, додека го пиете чајот, оваа слуз ја обложува слузокожата на грлото и со тоа ја смирува.
Оваа билка делува и како експекторанс, а тоа значи дека го поттикнува исфрлањето на слуз од белите дробови, односно искашлувањето. Ја смирува сувата, надразнувачка кашлица.
Белиот слез може да помогне и кај бронхитис, дијареа, како и други дигестивни и кожни тегоби.
ПРИГОТВУВАЊЕ
Чајот од бел слез се приготвува малку поинаку од другите билковни чаеви. Имено, неговиот корен се прелива со топла или ладна вода и се остава да отстои неколку часови или преку цела ноќ, за да може да ја ослободи својата лековита слуз.
Напомена: некои експерти не го препорачуваат белиот слез за деца помлади од 3 години.
СЛАДОК КОРЕН или “Детска билка”
Слаткиот корен (Glycyrrhiza glabra )уште го нарекуваат и Детска билка бидејќи има сладок вкус и нежно дејство.
Станува збор за адаптогена билка која му помага на организмот полесно да ги поднесе стресните предизвици. Оваа билка се употребувала како лек со векови претходно.
Го смирува грлото слично како белиот слез, обложувајќи го со својата слуз. На тој начин се ублажува сувата кашлица. Исто така, делува како експекторанс чистејќи ги белите дробови од вишокот слуз.
Покрај тоа има и антивирусни својства и го поттикнува имунитетот. Се препорачува и за ублажување на симптомите во менопауза, како и при депресивни состојби.
Напомена: Слаткиот корен не треба да го користат бремени жени и доилки, како ни лица со висок крвен притисок.
ЧАЈ ОД БЕЛ СЛЕЗ И СЛАДОК КОРЕН
Потребни состојки:
2 лажици корен од бел слез
1 лажица сладок корен
2 лажици свежо исцеден сок од лимон
2 лажици сиров мед
3 чаши филтрирана вода
постапка:
Коренот од бел слез ставете го во тегла и прелијте го со една чаша топла, филтрирана вода. Поклопете и оставете во фрижидер најмалку 4 часа или цела ноќ.
Во тенџере ставете го слаткиот корен и прелијте го со 2 чаши вода. Откако ќе зоврие намалете го огнот и на тивко варете уште 10-тина минути под капак. Процедете во тегла и затворете со капак. Кога малку ќе подизлади, додадете мед, сок од лимон и инфузијата од бел слез.
Овој здрав напиток во фрижидер може да трае и до 6 денови. Пред консумација секогаш загрејте го и пијте го топол.
Примена: возрасни може да испијат и до 3 чаши дневно, а деца постари од 3 години ¾ чаша, двапати дневно.