Есента ни ги донесе омилените плодови – костените, кои порано бабите ни ги печеа на оган, а денес тоа секако, се прави во рерна.
За да испечете костени не е потребна којзнае колкава мудрост, но сепак, многумина одбегнуваат да ги печат, зошто им се чини дека е потребен голем труд и мака.
Меѓутоа, многу е лесно. За почеток, потребни ви се свежи костени и еден остар нож. Но, не било каков. Костените се цврсти со неправилна форма, па за да не се повредите, земете остар рецкав нож за леб. Секој костен засечете го ширина додека лушпата убаво да се отвори.
Потоа, префрлете ги расечените костени во тенџере, додадете вода и малку посолете ги. Оставете ги да зовријат, а потоа извадете ги од водата, префрлете ги во тепсија обложена со хартија за печење, и веднаш ставете ги во загреана рерна на 220 степени да се печат околу 15 минути.
Печените костени ставете ги во чинија, прекријте ги со крпа и оставете ги околу 5 минути. Ова ќе го олесне лупењето.