За љубителите на карфиол, ова е едно превкусно јадење со многу добар сос, врз кој се ренда кашкавал.
Потребни состојки:
1 кг карфиол
1 лажица сув зачин
околу 100 мл масло
2 лажици брашно
500 мл млеко
вода по потреба
малку сув зачин и магдонос
рендан кашкавал или димен трапис
Постапка:
Карфиолот измијте го, исчистете го и исечете го на мали цветчиња. Варете го во тенџере со зовриена вода околу 15 минути, да биде речиси сварен, но да не се распаѓа. Процедете го карфиолот и оставете го да подизлади.
Во друг сад загрејте масло, додадете брашно и мешајте малку да се запржи и да добие жолтеникава боја. Потоа налијте го млекото и мешајте. Додека мешате додавајте по малку вода додека да добиете течност со густина слична на јогуртот.
Тргнете го сосот од оган, па додадете сув зачин, магдонос, а може и малку црн пипер по вкус. Вклучете ја рерната да се загрее на 200 степени.
Во тепсијата наредете го карфиолот, еден до друг убаво распореден за да се исполни целата тепсија. Одозгора прелијте го рамномерно сосот и ставете во рерна да се запече околу 15-тина минути.
После 15 минути наросете одозгора рендан кашкавал, па вратете во рерна да се допече уште 15 минути. Послужете топло.