Уште малку па ќе ги снема и летото и смоквите.. Крајно време е да си исушиме барем малку смокви за да имаме од овие слатки, здрави плодови да си направиме новогодишни бомбици со портокал. Домашно сушените смокви се многу поздрави од купечките, затоа што не се третирани со никакви хемикалии.

Најстариот начин за конзервирање на плодовите од смоквата е нејзино сушење на сонце. Плодовите се берат зрели, неоштетени, со дршка. Се распоредуваат на место на кое цел ден ќе бидат изложени на сонце, по можност на плетена слама или некој сличен материјал. После три дена, смоквите малку дехидрираат, се вртат ако има потреба и се оставаат уште ден-два да се досушат.

Муви и црви нема да се појават, затоа што ако смоквата е ставена цела, без отвори во неа, со цела затворена дршка, никакви инсекти нема да ја облетуваат додека таа се пече на сонце. Барем ништо повеќе доколку си останеше на дрво.

Сувите плодови се складираат помешани со листови од ловор, ако си имате свое дрво уште подобро.

Потребни состојки:

20-тина суви смокви
1 рака бадеми ситно исечкани
3 белки
120 г шеќер
1 лажица лимонов сок
1 прстофат сол

*наместо комбинација смокви и бадеми, можете да користите комбинација од урми со ореви.

постапка:

Смоквите треба многу ситно да се исечкаат, а не да се мелат, па најдобро е да користите некој остар нож. Јајцата извадете ги од фрижидер некој час пред подготовката.

Одвојте ги белките, па добро измиксајте ги со прстофат сол, па постепено додавајте шеќер и лимонов сок. Готово е кога ќе се создаде густ, мазен и цврст снег од белки. За разлика од шлагот, белките колку и да ги матите, не можете да ги “прематите”. Во снегот сега треба внимателно да се додадат сечканите смокви и бадеми.

Внимателно мешање значи дел по дел да се додаваат сувите состојки во снегот, секогаш со исто движење на шпатулата или жицата, да се превртува пената преку сувите состојки и на тој начин да се промешаат. Се зафаќа снег одоздола преку смоквите, па со кружно движење повторно уште еднаш. Ова се прави за да не спласне снегот, да не се изгуби воздушноста на снегот.

Со помош на две лажици правете ги целувките врз хартија за печење, па ставете ги на сушење во рерна загреана на 60 степени, околу два часа.

Вратата на рерната треба да биде затворена. Целувките се готови кога ќе започнат да се одвојуваат од подлогата. Треба да бидат снежно бели, па затоа немојте нестрпливо да ја покачувате температурата и постојано да ја отворате вратата од рерната.