Големиот Смог од 1952 година е настан од човековата историја од поново време, кога загадувањето на воздухот во главниот британски главен град Лондон било толку многу сериозно што смогот усмртил 12.000 луѓе, а околу 200.000 биле хоспитализирани со тешки респираторни проблеми.

 

Маглата се спуштила во петок, на 5 декември и траела до вторник, 9 декември. Тоа бил период на ладно време искомбиниран со антициклон и услови без ветер што придонело за акумулирање на аерозагадувачи, претежно од употребата на јаглен, што резултирало со формирање на дебел слој смртоносен смог.

 

Смогот предизвикал големи потешкотии како намалување на видливоста, па дури и во затворен простор, далеку потешки од претходните случаи на „густа магла“ во минатото.

 

Владните медицински извештаи процениле дека до 8 декември 1952, загинале 4.000 луѓе како последица од „смртоносниот смог“, а дека уште 100.000 луѓе се разболеле.

 

Но поновите истражувања покажуваат дека вкупниот број на жртви е значително поголем, односно дека брои 12.000 жртви.

 

Премиерот од тоа време, Винстон Черчил, бил убеден дека само од себе ќе помине. Законот за чист воздух бил донесен дури четири години подоцна, во 1956 година.

 

Колку време треба да помине кај нас за да се донесе еден ваков Закон?

Скопје вчера беше најзагадениот град во светот. Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов вели дека Скопје е жртва на неодговорната политика на претходната власт.

За алармантната ситуација со воздухот, УСАИД ги собра претставниците на локалната и централната власт како и меѓународните невладини организации за да пронајдат некакво решение за овој проблем.

„Македонија и Скопје се многу загадени, но има и други градови во светот кои можеби се уште по загадени, затоа се собравме тука за да може да ги слушаме нивните искуства со цел да најдеме ефикасно решение“, вели Едгард Гонзалез од УСАИД.

Граѓаните на телефонскиот број 193 ќе можат да пријават пожари на отворени места и предизвикуваат загадување – ова е една од превентивните краткорочни мерки на Град Скопје.

Денес, исто како и вчера се разбудивме со „бел“ поглед низ прозорците. Граѓаните се револтирани од презагаденото Скопје и се жалат по социјалните мрежи:

 

„Скопје поставува нови рекорди ! Годинава чадот е со одличен квалитет . Инаку на стадионот тренираат 20-тина фудбалери , поради квалитетниот чад не се гледаат !

 

Градскиот татко не го наоѓаме за виновен,само нека ги испрати инспеkторите во ноќна патрола, фајде ќе имаме сите!“ гласи статусот на еден корисник на социјалните мрежи.

 

На Фејсбук преку 4.000 луѓе се сложни да го променат стилот на досегашните протести и со тоа да укажат дека навистина е време нешто конкретно да се преземе со проблемот на загадувањето:

 

„ Мерните станици низ Скопје веќе две недели покажуваат огромна загаденост на воздухот. За важноста од справување со загадувањето, како најголем и најопасен проблем, ги потсетуваме одговорните веќе 4 години.

 

Досега се обидовме со чести собири за искажување на назадоволството од несправувањето со ниедна точка од ОВОЈ комплексен проблем, да ги потсетиме службениците да си ја сработат работата за која се нафатиле да ја сработат, а за што добиваат плата од наши пари.

 

Бидејќи досегашните форми на протест не вродија со никаков плод, отсега го менуваме начинот на искажување револт. Наместо собир, предлагаме свесните и совесни родители со своите деца да ја бојкотираат наставата во училиштата на ден 20 декември 2017 година, среда.

 

Co ова ќе укажеме дека проблемот не само што не е решен, туку и нема никакви најави дека ќе се реши, a уште помалку и дека било каква мерка ќе се спроведе. А, ние, најмалку нашите деца и постари, немаме уште една година.

 

Затоа, ширете ја информација, постирајте слики со ваши пораки и на 20 декември останете дома и поминете едно претпладне со вашите деца.“

 

Да не дозволиме да ни се случи помор од минатото!