Оваа посна бајадера исчезна додека да трепнеш! Кикириките малку повеќе ги испржив па доби поинтензивен вкус и сите дома почнаа да ја разграбуваат. Сабајле кога стана син ми од спиење и праша каде е бајадерата, не му се веруваше дека ја нема.

Потребни состојки:

200 г шеќер
150 мл вода
125 г маргарин
100 г посно чоколадо
150 г кикирики
200 г посни бисквити

за глазура:

150 г посно чоколадо
3 лажици масло

Постапка:

Пропржете ги кикириките: Во тефлонска тава ставете ги кикириките на умерен оган, па околу 15 минути пржете ги со постојано мешање. Оставете ги убаво да изладат, па сомелете ги во блендер но да има и ситни парчиња или ситно исечкајте ги.

Измешајте ги водата и шеќерот, па ставете ги на оган да провријат. Потоа оставете ги уште малку да вријат, не подолго од една минута, па додадете исечкан маргарин и искршено чоколадо, па мешајте додека да се растопат.

Тргнете од оган и додадете сечкани кикирики и бисквити (половина смелени, а половина ситно искршени).

Соединете ги сите состојки, треба да добиете густина како за пудинг или палента. Смесата распоредете ја во плех со помали димензии, мојот е 23х20 см. Може да биде поголем и помал, смесата не истекува, па можете да ја обликувате на половина тепсија.

Најдобро е да ставите хартија за печење, па потоа да ја распоредете смесата и да ја израмните со чаша која ќе ви послужи како оклагија.

Оставете малку да отстои, па направете ја глазурата. Растопете чоколадо со масло и прелијте одозгора. По желба ишарајте со виљушка или израмнете и наросете кикирики.

Исечете на штангли или коцки.