Ова се преубави гурабии кои се топат во уста. Приготвивме три рецепти за вас, сите се одлични и проверени. Првиот рецепт е едноставен, лесна подготовка, а добивате одлични сочни гурабии кои во себе содржат јатка орев.

Вториот рецепт е старински, доста стар и оригинален, а третиот е наједноставен, со помала количина, излегува една тепсија. Вие одлучете и одберете си според ваш вкус кој рецепт ќе го приготвите за овие сочни колачи.

ЕДНОСТАВЕН РЕЦЕПТ СО КОКОС И ОРЕВИ – Потребни состојки: 450 г брашно, 250 г путер/маргарин, 100 г шеќер, 100 г кокосово брашно, 50 г ореви, 1 кафена лажичка прашок за печиво и 2 јајца

За шербет: 800 г шеќер, неколку тркалца лимон и вода (2 прсти над шеќерот). Постапка: Со лажица добро изматете го омекнатиот путер.

Додадете го шеќерот и продолжете да мешате. Потоа додадете ги јајцата и продолжете да мешате додека да се соединат состојките.

Потоа на ред е кокосовото брашно и прашокот за печиво па и нив промешајте ги. Потоа постепено додадете 450 г брашно и замесете убаво тесто. Мерката е одлична – брашно нема да ви треба ни грам повеќе ни грам помалку.

Од добиеното тесто кинете топчиња, па сучете ги во мало ваљаче. Втиснете во нив орев, па гурабијата обликувајте ја на ренде. Редете ги во сув плех кој не треба да се намастува.

Гурабиите печете ги на 180 степени додека малку да заруменат, за приближно 20 минути. Кога тие се готови, пригответе го шербетот.

Во еден сад ставете 800 г шеќер и прелијте го со вода така што да биде два прста над шеќерот. Шербетот се вари 15-тина минути. Пред крај се ставаат 3-4 тркалца лимон. Врелиот шербет се прелива преку сега веќе малку изладените гурабии. Почекајте неколку часови за убаво да се впие шербетот, па послужете се и уживајте во вкусот.

СТАРИНСКИ РЕЦЕПТ СО КИСЕЛА ПАВЛАКА – Потребни состојки: 350 г путер/маргарин на собна температура, 150 г шеќер, 1 ванилин шеќер, 300 мл кисела павлака, 3 јајца, 700 г брашно, 2 мали лажички прашок за печиво, ¼ мала лажичка сол, 150 г кокос

За шербет: 4 шолји шеќер (шолја од 250 мл), 4,5 шолји вода, 1 ванилин шеќер, на врв од нож лимонска киселина (лимонтус). Постапка: Прво пригответе го шербетот: измешајте шеќер, ванила, вода и лимонтус, па кога ќе почне да врие намалете на умерена температура да се вари уште 15 минути.

Оставете целосно да излади. Добро изматете го путерот, шеќерот и ванилин шеќерот околу 5 минути. Со постојано матење додадете ја киселата павлака, а потоа и јајцата.

Кога ќе се соедини додадете го брашното помешано со прашок за печиво и сол, па миксајте само колку да се соедини. На крај додадете кокос и промешајте. Тестото не смее да биде лепливо, па ако е потребно додадете уште брашно.

Со лажица вадете топчиња од тестото со величина колку еден орев, па потоа формирајте ваљачиња, па потоа притискајте ги на ренде. Од оваа количина добив 47 парчиња.

Се редат во претходно малку намастена тепсија оставајќи малку простор помеѓу нив, бидејќи во текот на печењето малку ќе пораснат. Печете ги во претходно загреана рерна на 190 степени околу 25 минути или додека убаво да заруменат, во зависност од рерната.

Готовите гурабии прелијте ги полека со ладниот шербет и оставете ги најдобро преку ноќ за да го впијат сирупот.

КРАТОК РЕЦЕПТ – Потребни состојки: 250 г путер/маргарин омекнат на собна температура, 1 јајце, 2 лажици шеќер, 150 г кокос и 300 г брашно. За шербет: 500 г шеќер (може и помалку, јас ставам 300 г) и 500 мл вода

Постапка: Сите состојки соединете ги и рачно замесете тесто. Направете ги гурабиите и редете ги во плехот од рерна и печете ги во загреана рерна на 180 степени додека малку да заруменат. Сварете го шеќерот со водата, па кога ќе бидат печени гурабиите веднаш прелијте ги со врелиот шербет.