Првиот рецепт на Аница е прилагоден, а подолу можете да го прочитате оригиналниот, старински рецепт кој со децении интегрално се приготвува речиси во секое семејство. / Фотографија и рецепт на Аница Павлоска
Потребни состојки: 250 г путер или маргарин, 200 мл млеко, 5 лажици шеќер (може и повеќе, зависи по вкус), 1 ванилин шеќер, 1 прашок за печиво, 2 јајца, 1 жолчка и брашно по потреба (околу 700 до 1 кг во зависност). За премачкување: 1 белка и сусам или шеќер во прав
Постапка: Путерот се вади на собна температура да омекне, а млекото со пет лажици шеќер малку се загрева за да се растопи шеќерот, па се лади.
Се мати путерот и постепено му се додаваат сите состојки освен брашното. Откако ќе се соединат сите состојки, постепено му се додава брашното додека да се добие помеко мазно тесто кое се остава да одмори 10-тина минути.
Се развлекува кора со дебелина на еден прст, па се вадат различни фигури со модли, па се мачкаат со белка и се наросуваат обилно со сусам.
Се редат во плех обложен со хартија и веднаш се печат на 200 степени додека да заруменат. А може и само да ги валкате во шеќер во прав без сусам.
Сусамки (Фото и рецепт: Аница Павлоска)
Старински рецепт – Потребни состојки: 250 г путер/маргарин, 150 мл млеко, 150 мл масло, 12 лажици шеќер, 1 прашок за печиво, 1 ванилин шеќер, 2 јајца и 1 кг брашно
Постапка: Омекнатиот путер се мати и му се додава шеќерот. Потоа се продолжува со матење и му се додаваат сите состојки, а на крај постепено се додава и брашното.
Кога ќе се добие меко и мазно тесто се остава да одмори 10-тина минути, по што се развлекува кора со дебелина од половина сантиметар. Нема потреба да се масти или набрашнува работната површина, ова тесто не се лепи.
Со разни модли се вадат формите кои се редат на намастен плех или обложен со хартија и се печат на 200 степени додека да заруменат. Пред печење се мачкаат со белка и се наросуваат со сусам.