Некои велат дека ова бил германски рецепт, некои пак чешки, но мене искрено да ви кажам, не ми е многу важно од каде потекнува, туку најважно ми е дека конечно го пронајдов најдобриот рецепт.
Во текот на изминативе години пробав неколку рецепти, но најдобар ми е овој, па топло ви го препорачувам. Потребни состојки: 2 жолчки, 2-3 лажици растопен путер/маст, 60-70 г шеќер, 500 мл млако млеко, 45 г квасец, 600-650 г брашно и 1 рамна мала лажичка сол
И уште ќе ви биде потребно: 2 кг слатки, зрели сливи, 6-7 лажици растопен путер/маст, 6-8 лажици шеќер, 1 ванилин шеќер, 1 цимет (кесичка). Постапка: Растопете го квасецот во малку млако млеко со шеќер и брашно, промешајте да добиете компактна течна смеса и оставете 10-тина минути да се активира.
Две жолчки разматете со шеќер и 2-3 лажици растопена свинска маст (или путер), додадете го топлото млеко и активираниот квасец, па полека започнете да додавате брашно во кое претходно сте размешале малку сол.
Прво мешајте со лажица за да ги разбиете грутките, а потоа, како го додавате брашното, така ќе добиете тесто кое ќе започне да се одвојува од ѕидовите на садот. Тестото е меко и сјајно. Покријте го и оставете го да го удвои својот волумен.
Повторно малку премесете го и истресете го во намастен плех со средна величина. Тестото е доста меко и треба да се развлече по плехот со намастени раце или намастена лажица. Оставете го уште малку да кисне и да порасне во плехот, додека ги чистиме сливите.
Сливите измиени и исчистени од семки, ги редиме вертикално една до друга и ги наросуваме со 6-8 лажици шеќер, а потоа и со 6-7 лажици растопена маст. Се пече на 200 степени додека да зарумени. Се става ванилин шеќер и цимет и кога ќе излади се сече. Колачот не е ни случајно масен, па затоа не се плашете од маста или путерот, зависи со што ќе одлучите да го прелиете. Добивате многу вкусен и сочен колач.