Освежителен колач кој се топи во уста. Вкусот не може да се опише колку е предобар, мора да се проба. Најдолу во текстот можете да го погледнете и видео рецептот.
Потребни состојки:
150 г мелени лешници
200 г брашно
240 г путер
120 г шеќер
4 лажици какао во прав
2 лажици шлаг
За фил со кокос:
400 г кокос
200 г кандирани цреши
50 г суви вишни
400 мл течен шлаг со вкус на кокос
3 лажици густин
30 мл бел рум
200 г слатка павлака за шлаг
2 ванилин шеќер
2 шлаг фикси
За глазура:
300 г темно чоколадо
малку масло
*ова е оригиналниот рецепт, но доколку не можете да најдете кандирани цреши и суви вишни, импровизирајте со тие што ги имате, но внимавајте на сокот што ќе го испуштат доколку се смрзнати. Доколку не најдете пак течен шлаг со вкус на кокос, користете обична хопла, односно слатка павлака.
Постапка:
Сите состојки за темната кора измешајте ги, направете тесто, свиткајте го во фолија и оставете ја во фрижидер. После 30 минути развлечете кора со оклагија, ставете ја во во плех обложен со хартија и печете на 180 степени околу 25 минути.
Во меѓувреме загрејте го шлагот со вкус на кокос, додадете густин, 50 мл вода, ситно сечкани вишни, па варете една минута со постојано мешање. Вмешајте рум и кокос, уште малку проварете, па тргнете од оган и додадете ги сечканите цреши.
Слатката павлака измиксајте ја со ванилин шеќер и шлаг фикс, па промешајте ја со кремот од кокос. Филувајте ја кората и оставете во фрижидер два часа.
Чоколадото растопете го на пареа со малку масло, прелијте го изладениот колач. Изладете уште еднаш да се стегне глазурата, па сечете на коцки и сервирајте.
Видео рецепт: