Срам ми е ова што ќе ви го признам, ама малку по малку, неосетно ја изедов целата торта, толку ми се заслади на душа, а ќерка ми не дочека да ја проба. Ќе ја правам повторно или ќе и го дадам рецептот, па сама нека ја направи, за да не се повтори истото : – ) (се шегувам)
Потребни состојки:
6-7 јаболка
Вода, шеќер, ореви, суво грозје, цимет
За бисквитот:
5 јајца
5 лажици шеќер
5 лажици брашно
За украсување: шлаг, шарени трошки или нешто по ваша желба
Постапка:
Јаболката излупете ги, а средината издлабете ја. Наредете ги во подлабок сад наполнет со вода и шеќер, колку да биде прекриено дното.
Јаболката наполнете ги со ореви и суво грозје, па наросете со малку цимет.
Ставете во рерна да се печат на 180-200 степени додека да омекнат јаболката.
Јајцата пенасто изматете ги со шеќерот, па со лажица додадете брашно и промешајте. Во смесата за бисквит можете да додадете и суво грозје кое претходно малку киснело во рум.
Смесата прелијте врз јаболката и печете додека да биде готово.
Печениот колач оставете го да излади, а потоа превртете го наопаку. Може да го послужите со изматен шлаг и да го наросите со шарени трошки или сечкани ореви или нешто по ваш вкус.