Ако сакате верувајте, ако сакате не верувајте, ама ова јадење ми го приготви маж и бев воодушевена од вкусот!

Потребни состојки:

1 кг црвени пиперки, а може и жолти
50 мл масло +-
50 г путер +-
100 г сирење +-
50-100 мл неутрална павлака за готвење
Сол по вкус

Важно: доколку сакате јадењето повеќе сочно да биде, тогаш ставете повеќе павлака, а доколку сакате помалку, тогаш ставете сосем малку или воопшто не ставајте.

Постапка:

Пиперките убаво измијте ги и испечете ги (на рингла, во рерна или уште подобро на плотна). Печените пиперки ставајте ги во најлонска кеса и оставете ги околу 20 минути да изладат.

Потоа излупете ги и исчистете ги од семето.

Во тавата ставете масло и путер, па исчистените пиперки пропржете ги додека малку да се запечат и да испари течноста.

Пред крајот на пржењето додадете сирење и течна павлака, па оставете уште некоја минута да крчкаат. Ова јадење е многу вкусно.