Овие вежби веќе со години се познати како „Пет Тибеќани“, а се осмислени од монасите на древниот Тибет пред повеќе од илјада години. Служат за сочувување на виталноста, го исполнуваат организмот со освежувачка младешка енергија и сила, така што во текот на денот ќе се чувствувате подобро, а ќе постигнете повеќе од она што сте го планирале.
Истовремено, ги стимулираат жлездите со внатрешно лачење, го јакнат имунитетот, а не одземаат многу време и не бараат посебни услови. Може да ги применуваат луѓе на секоја возраст. Во почетокот за целата серија ќе ви бидат потребни околу 3 минути, а подоцна најмногу 15.
Најдобро е вежбите да се изведуваат наутро, половина час после будењето, а пред појадокот. Изведувајте ги по точниот редослед, од првата до петтата. Започнете со онолку повторувања колку што ви одговара. На пример, повозрасните можат да започнат со три повторувања, а помладите со девет или 11.
Важно е да започнете со непарен број, значи можете да започнете со 3, 5, 7 итн. Секоја седмица правете по две повторувања повеќе, додека да дојдете до бројот 21. Тоа е границата до која треба да се придржувате доколку ги правите Тибеќаните.
Ако прескокнете еден ден, можете да продолжите во ист ритам, а доколку прескокнете повеќе од еден ден, би требало да се вратите на почеток и да започнете повторно од бројот 3. По завршетокот на вежбањето легнете на под, испружете се и опуштете се колку што можете повеќе. Дишете длабоко. Останете во таа положба неколку минути. После вежбањето се препорачува туширање со млака вода.
ПРВ ТИБЕЌАНЕЦ – ја зголемува телесната и духовната подвижност и го подобрува чувството за рамнотежа.
Застанете исправено и раширете ги рацете во висина на рамената, да бидат паралелни со подот. Дланките свртете ги кон долу. Вртете се околу својата оска во насока на стрелките од часовникот. Додека се вртите длабоко вдишете и издишете. Едно вртење е едно повторување.
ВТОР ТИБЕЌАНЕЦ – Ги јакне стомачните мускули и го подобрува имунитетот.
Легнете на грб на рамна и тврда подлога. Испружете ги нозете, рацете покрај тело, дланките свртени кон подот. Вдишете на нос и истовремено полека подигнете ги нозете и главата додека нозете да дојдат во исправена положба, а брадата да допира на градите.
Додека ги враќате нозете и главата во почетна положба, издишувајте на нос или уста. Ако во почетокот ви е тешко да ги подигнете целосно нозете, можете малку да ги подвиткате во колената.
ТРЕТ ТИБЕЌАНЕЦ – го шири градниот кош и помага за појасно согледување на животните цели.
Клекнете на колена, свиткајте ги стапалата така што со прстите ќе се потпирате на подот. Дланките ставете ги на задниот дел од бутовите, веднаш под задникот, а главата свиткајте ја така што брадата ќе ги допира градите. Колената би требало да бидат малку раздвоени, а карлицата во иста линија со грбот.
Вдишете низ нос и лесно свиткајте го горниот дел од телото во половината кон назад. Главата зафрлете ја кон назад колку можете. На кратко задржете го здивот, а потоа издишете низ нос или уста додека се враќате во почетната положба.
ЧЕТВРТ ТИБЕЌАНЕЦ – го исправува вратот, го јакне грбот, го активира варењето и плексус соларис.
Седнете на под. Грбот е исправен, нозете испружени, рацете покрај тело, а дланките се потпрени на подот. Прстите на дланките се свртени кон нозете. Важно е рацете да ги поставите покрај трупот. Главата е подигната напред, а брадата е потпрена на гради.
Вдишете низ нос и подигнете го трупот нагоре. Притоа нозете се свиткуваат во колена додека стапалата го допираат тлото. Главата спуштете ја кон подот така да формирате мост. На кратко задржете се во таа положба и потоа со издишување вратете се во почетната положба.
ПЕТТИ ТИБЕЌАНЕЦ – го прочистува умот и го подобрува расположените.
Легнете на стомак, дланките потпрете ги на под покрај рамената и со рацете подигнете го горниот дел од телото. Рацете и нозете раздвојте ги на растојание од околу 60 см една од друга. Со предниот дел од стапалата се потпирате на подот, а главата ја зафрлате кон назад кон грбот.
Вдишете низ нос и подигнете го задникот, а главата истовремено свиткајте ја додека да ги допрете градите. Со телото треба да формирате облик на триаголник. Издишете низ нос или уста додека се враќате во почетната положба. Во текот на вежбата целото тело е, освен дланките и ножните прсти, над подот.
Се смета дека овие вежби придонесуваат:
-го подобруваат сонот
-ја намалуваат напнатоста
-ја зголемуваат концентрацијата и памтењето
-ја подобрува дигестијата
-ги подобрува дигестивните органи
-спречува губиток на косена маса
-намалуваат болки во грбот
-го помагаат процесот на слабеење
-ја зголемуваат физичката снага и издржливост
-Го подобруваат емоционалното и менталното здравје.