Ова јадење најчесто го приготвувам во работни денови, особено ако после работа немам многу време да му се посветам на ручекот и на кујната… само соединувам, обликувам и ставам да се готви покрај компирот и тоа е тоа.

Потребни состојки:

500 г мелено месо по избор
1 цело јајце
1 лажица сув зачин
2 лажици лебни трошки (презла)
1 помала главица кромид
½ лажичка црн пипер
1 лажичка сол или по вкус, во зависност од доматниот сос колку е солен
Магдонос
700 мл доматен сос
700 мл вода
По желба 1 лажица брашно за да се згусне сосот

Постапка:

Кромидот ситно исечкајте го или сомелете го, додадете месо, сув зачин, црн пипер, јајце и презла, па добро со рака замесете.

Во подлабок сад истурете доматен сос и вода, па со влажни раце обликувајте мали топчиња и ставајте ги во садот. Ставете на умерен оган и гответе околу 90 минути.

Не грижете се што има многу вода, во текот на готвењето ќе испари.

Пред крај пробајте го сафтот од доамти, па доколку не е солено додадете уште малку сол, по желба црн пипер и сечкан магдонос.

Ако сакате сосот да биде малку погуст, со малку вода разматете лажица брашно да нема грутчиња, тргнете од оган, земете една кутлача од сосот и додадете во мешавината од брашното, добро промешајте и полека вратете назад и протресете ја шерпата лево-десно.

Вратете на оган да проврие уште 10-тина минути на тивко, па тргнете на страна и послужете. Најубаво одговара со компир пире, иако може прилог и по желба.

ќофте во доматен сос

Коментар на Ружица Темелкова: “Kоga koftencata ke se proprzat malku imaat poubav vkus.Dobar apetit.”