Фото и рецепт: Мирела Авдиќ. Се консумираат топли, тогаш се најубави. Можете да ги филувате со каков крем сакате, па дури и со пудинг, а најважно од сè е што не се масни, не се пржат во масло, а сепак се меки како душа. Еве што ви е потребно:
Потребни состојки:
2 јајца (мали по величина)
200 мл млеко
1 супена лажица квасец
3 лажици шеќер
1 прстофат сол
20 г путер
околу 400 г брашно
околу 50 мл млака вода за замесување на тестото.
Полнење по желба (варен пудинг, крем-намаз, џем)
Шеќер во прав за валкање
И УШТЕ: Плех обложен со хартија за печење, шприц за полнење, чаша или модла за вадење на крофните. Подолу во рецептот има и видео во кое се објаснети деталите околу постапката.
Постапка:
Измешајте топло млеко, шеќер и квасец и оставете да се активира 10-тина минути на топло место. Скршете две јајца (претходно отстојани на собна температура), ставете прстофат сол и една лажица шеќер и промешајте со виљушка.
Додајте го квасецот, па и него промешајте го со јајцата. Постепено додавајте го брашното (оставете малку за домесување) и околу 50 мл млака вода.
Мешајте со виљушка да добиете меко, воздушесто тесто. Потоа додавајте постепено брашно по потреба и замесете со рака. Не додавајте премногу брашно, зашто тестото треба да остане меко.
Кога ќе започне да се одлепува тестото од ѕидовите на садот, покријте го со проѕирна фолија и оставете да го удвои волуменот. Потоа премесете го и префрлете го на работна површина каде ќе го домесите, па покријте го повторно и оставете го да одмори уште 10-тина минути.
Потоа развлечете кора со дебелина од 2 см, да не се претенки крофните ниту предебели, колку еден прст. Со чаша вадете ги крофните и редете ги на плех со растојание од околу 2-3 см, затоа што при печењето ќе нараснат.
Наредените крофни покријте ги со крпа и оставете ги 20-тина минути да се удвојат. Останатото тесто повторно премесете го и оставате го да одмори, па повторете ја постапката.
Се печат во загреана рерна на 180 степени, а кога ќе почнат да растат намалете на 150 степени, додека да добијат розеникава боја, внимавајте да не ги препечете и не ја отворајте рерната предвреме.
Врелите крофни се валкаат во шеќер во прав. Одозгора правете им дупче со рачка од дрвена лажица и со шприц полнете ги со фил по ваша желба.
Фото и рецепт: Мирела Авдиќ