Овој рецепт се прави со векови, но малку е подзаборавен во поново време. Се прават ликери од плодови, но листовите се подзаборавени.
Овој рецепт го добив од една госпоѓа која го приготвува ликерот веќе 60 години. Некои велат дека ова не е ликер поради помалиот процент на алкохол, туку ароматично, десертно вино, но како и да е, има многу добар вкус.
Ова е повеќе дигестив, го олеснува варењето, има одличен вкус и мирис. После јадење испијте една чашка ликер. Вкусот навистина не можам да ви го доловам со пишување, ќе мора да го пробате.
Како за првпат направете една доза, но потоа сум сигурна дека ќе правите повеќе.
Потребни состојки:
100 листови од вишна
600 г шеќер (може и мед кој сака)
1 литар црно домашно вино (или по вкус)
Постапка:
Состојките се ставаат во поголема стаклена тегла. Се затвора добро и се остава 40 дена на топло, осончено место, но да не биде цело време изложено на силно сонце.
Повремено протресувајте или промешувајте, зошто листовите испливуваат на површината додека убаво да се натопат со виното.
РЕЦЕПТ ЗА КАШЛИЦА
Еве уште еден стар рецепт од истата госпоѓа.
Ако зимно време не може ништо да ви помогне за да ја спречите кашлицата, скршете некое гранче од вишна и исечкајте го на ситни парченца.
Ставете ги вода и варете ги 10 минути. Водата ќе добие розова боја. Оставете да излади и пијте по неколку шолји на ден за да ја ставите кашлицата под контрола. Сигурен, проверен и ефикасен рецепт!
РЕЦЕПТ НА ЗОРИЦА НАУМОВСКА
Ликер од вишна Марела, најубав, не опива! Се приготвува од 51 лист со дршка од вишна марела, додека има плод вишната.
Потребни состојки:
51 лист
300 г шеќер
1 литар црвено вино
Постапка:
Се мијат листовите, се ставаат во стаклено темна боја шише, се додава 300 г шеќер и се налева со 1 литар вино. Се затвора повремено се протресува за да се растопи шеќерот. Се чува на темно место 40 дена, а потоа се процедува.