Имав мелено месо и сакав да направам ролат со јајца, но веќе двапати го правев, па си реков, ајде нешто ново да испробам. Направив нешто слично на ролатот и нешто слично на мусака, лесно и полеано со бешамел сос и кашкавал.

Потребни состојки:

500 г мелено месо

1-2 главица кромид (или 4 страка млад)

2+2 лажици масло

2 чаши вода

1 лажица сув зачин

½ лажичка црн пипер

6 варени јајца

1 неварено јајце

1 лажица брашно

200 мл млеко

100 г кашкавал

Постапка:

Исечкајте го ситно кромидот, па додадете сув зачин, чаша вода и 2 лажици масло, па ставете на оган да се динста. Кога ќе испари водата додадете мелено месо и црн пипер, па налејте уште чаша вода и оставете да се динста заедно со постојано мешање.

Кога водата ќе испари додадете едно јајце и соединете. Намастете еден огноотпорен сад, јајцата пресечете ги на половина и наредете ги свртени со жолчката надолу.

Преку јајцата ставете го месото и рамномерно распоредете го.

Загрејте 2 лажици масло, па додадете брашно и малку пропржете го, да остане бело, па налејте млеко и мешајте малку да се згусне. Малку посолете и кога ќе биде готово прелијте преку месото, па рамномерно излејте го сосот. За крај нарендате кашкавал и ставете да се запече на 150 степени околу еден час.

Послужете топло.