Фотографија и рецепт на Зорка Јанчева. Потребни состојки (за една кора, потребни се две): 5 јајца, 4 филџани за кафе шеќер (или 5), 5 брашно, 2 лажички прашок за печиво (може и една цела кесичка), 2 лажички ванилин шеќер, 1 филџан масло, 1 филџан млеко, 1 пакување обланди
И уште: џем од кајсии или шипки или било кој друг. За фил: 1 литар млеко, 400 г шеќер (2 големи лажици брашно), 1 пудинг од чоколадо (или 2 пудинг од ванила) и 250 г маргарин / путер. *филот се прави на крај, пред виткање на корите во обланда.
Постапка: Се матат јајцата со шеќер и ванилин шеќер, па се додава постепено маслото и млекото и на крај брашното помешано со прашокот за печиво. Се прават две вакви смеси, а во едната се додава 2 лажици какао. Корите се печат 15 минути, прво на 250, па на 200 и на крај на 150 степени.
(1 начин: Печените кори кога ќе изладат се премачкуваат со џем, се редат една врз друга за да се залепат, обично врз жолтата се става кафеава кора, се оставаат малку да впијат џем, па се сечат на десет ленти).
За фил: се меша пудингот со брашното и една лажица шеќер. На ова му се додава малку од млекото и се меша да се добие смеса без грутчиња. Потоа млекото, путерот и останатиот шеќер се ставаат на оган да зоврие. Во зовриеното млеко се додава смесата и се меша додека да згусне.
2 начин за фил: се прави карамел од шеќерот, се става млекото, па кога ќе проврие се додава изматениот пудинг со малку млеко, па кога филот ќе згусне, додека е врел во него се додава 250 г путер и се меша уште 2-3 минути.
Според вториот начин: Секоја кора се сече на 10 ленти. Обландата се мачка со врелиот фил, а потоа се става една жолта, една кафеава, се мачка со фил, па потоа одозгора се редат спротивни бои: врз кафеавата лента се става жолта, а врз жолтата – кафеава.
Потоа се филува и се витка обландата во коцка. Се остава во фрижидер да се стегне.
Фотографија и рецепт на Зорка Јанчева